Ненад Несторовски: Вистината во нашата земја често се крие помеѓу редови или под три слоја лаги

0
1229

Кога со државата владее режим, што опстојува десет години преку медиумска пропаганда и манипулирање на гласачите, важно е секоја информација што ни ја пласираат темелно да ја провериме пред да ја земеме за точна. Вистината во нашата земја често се крие помеѓу редови или под три слоја лаги.

Тоа ни се случува и со последниот настан што беше тема на бурни реакции во Македонија, имено еврообврзницата, или како што некои досетливо ја нарекоа, евробесилка.
Првата фатаморгана што ни се сервира во врска со евробесилката е каматата за која што е издадена. Каматната стапка што македонското министерство за финансии ја објави е 5,625%, додека Блумберг, Ројтерс и други светски финансиски медиуми објавија повисока камата од 5,875%. Зошто е тоа така? Нашата Влада сака да ја искористи комплексноста на темата во овој случај и нетранспарентноста на процесот, за да прикаже каматна стапка која што не го преставува реалниот трошок од оваа обврзница. Купонската камата од 5,625% што ја прикажува владата, не е целосната камата, затоа што со купонската камата не се открива дека на нашето конто сега не легнуваат 450 милиони евра, туку многу помалку т.е. 443 милиони евра. Со тоа ние губиме 7 милиони во старт. Треба да враќаме 450 милиони, а сега добиваме само 443 милиони. Разликата од 7 милиони ја зголемува камата од 5,625% на 5,875%. Овие детали никаде не се споменуваат во ниеден прес на министерството за финансии и министерот Миноски вешто избегнува да ги каже, но сметам дека народот што оваа обврзница ќе ја плаќа од свој џеб заслужува да ги знае.

Зачудува зошто министерството за финансии не ја споменува реалната, повисока камата на оваа еврообврзница во ниту една изјава, а притоа ја обвинува опозицијата за покачувањето на истата. Логично би било доколку виновникот не се тие, туку опозицијата, барем да ја информираат јавноста колку точно е покачена каматата благодарение на писмото на Кире Наумов до банките агенти. Но, би го трошеле времето залудно кога би барале логика во потезите на министерот за финансии и неговиот тим. Длабокоо се сомневам дека во процесот на издавање на обврзницата беа водени од принципите на логично размислување.

Покрај многубројните елементи што ја засегаат легалноста на еврообврзницата, тотална фарса беше процесот на издавање, со две аукции едно по друго во рок од 4 дена. Доколку објавите првично обврзница за камата од 5%, ја покачите во истиот ден камата на 5,50%, и на крај аукцијата е неуспешна, основна “култура” на пазарите е да почекате неколку месеци пред да се обидете повторно. Тоа се прави за да се даде време да се промени расположението кај инвеститорите за кредитирање на вашата земја и да се чека поповолен момент. Нормално дека инвеститорите што не сакаат да ја купат обврзницата за 5,50% камата во петок, за 4 дена до вторник нема да се премислат, туку ако сакате да ги убедите треба да им понудите уште повисока камата. Тоа што Македонија требаше во тој момент да направи е да почека да се провери легалноста на обврзницата и да се подобрат условите на пазарот пред да се обиде повторно со нова аукција. Меѓутоа владата на ВМРО-ДПМНЕ најверојатно се загрижи дека неуспехот со обврзницата ќе биде земен како голема победа на СДСМ, па побрза уште по 4 дена со повторен обид и втора аукција, само за да докаже на домашната јавност дека тоа што го наумиле, и ќе го остварат. На пазарите во Лондон никој не беше изненаден што толку брзо по објавувањето на втора аукција, Македонија плати многу повисока камата. Особено што, тој викенд помеѓу двете аукции, се случи и пучот во Турција, што само по себе ја зголемува скепсата кај инвеститорите за купување кредити во регионот, и ги качува каматните стапки. Така што тој период, преставуваше по секој можен основ сосема погрешен момент за повоторен обид и втора аукција на македонската обврзница на пазарите за капитал.

Земајќи ги во предвид сите овие фактори, јас не верувам дека луѓето во владата што го менаџираа процесот за издавање не обврзницата, воопшто беа загризени што Македонија ќе плати повисока камата. Беа најверојатно само загрижени да не им се загрози имиџот на неприкосновени победници кај членовите на ГДОМ и ДПМНЕ.
Тука доаѓаме на суштината на целата фарса, обврзницата се издаде за 5,875%, наместо почетните 5% од пуст инат, за да им се покаже на тие што ја оспоруваа дека неможат да го запрат задолжувањето на оваа влада. Тој инат нас граѓаните не чини 28 милиони евра, колку што е разликата помеѓу почетната објавена камата од 5% на 450 милиони евра и финална камата од 5,875% со која што на крај завршивме. Инат и фарса, платени, да не заборавиме, со наши народни пари.

Можеби еврообврзницата не успеавме да ја спречиме, но едно нешто станува се појасно. Македонија за време на владеењето на овој режим, посеа многубројни свои млади, амбициозни и критички настроени кадри насекаде низ светот. Можеби заминавме како деца, но по 10 години завршивме факултети и изградивме кариери. Ги следиме состојбите во Македонија , и свесни сме за секој чекор и секоја глупост што режимот се обидува да ни ја продаде како “врвна цивилизациска вредност”. Не има во секоја област, од секоја бранша, во секоја земја. Нема повеќе да има тема на која што ќе може да не замолчат, нема да има маниплулација која што ќе им помине незабележана. Затоа што и ние што заминавме,како и оние млади кои останаа во Македонија, имаме заедничка цел, а тоа е слободна и подобра татковина со која ќе се гордееме, без разлика во кој дел од светот се наоѓаме.

Пишува: Ненад Несторовски

Авторот е финансиски аналитичар во Лондон, а претходно има работено во секторот за издавање еврообврзници на италијански компании и банки HSBC Милано.