Нема граѓани губитници, има само поразена мафија

0
1066

Мошне деструктивен и штетен за општеството е пристапот кој ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски и Мијалков го наметнаа, а се однесува на парадигмата како треба да се сфати политичката борба помеѓу две или повеќе партии, помеѓу два политички блока, т.е. „штом јас добијам, ти сигурно губиш“, независно што те поддржале стотици илјади гласачи и имаш еден куп народни претставници во Собранието.

Овој штетен општествено-политички поглед ја пропагира идејата – „ако јас добијам, мое е с`“ независно што тоа с` е на сите граѓани на државата, а токму тој „јас“ е избран претставник да работи за доброто на секој еден поединец.

Тоа „с`“ за оваа гарнитура на власт е „нашиот глас“ кој полека прерасна и во „нашиот идентитет – нашата душа“. Токму поради тоа го имавме и прислушувањето на илјадници граѓани, политичари и општествено истакнати поединци, ги имавме и политичките затвореници, упадот во судството и институциите, узурпацијата на медиумите, заканите и притисоците, драконските казни, изборните кражби, разните малверзации и манипулации, неправилностите и нерегуларностите, сума – сумарум го имавме макијавелизмот надграден и проширен во македонски услови.

Ваквото однесување на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ на големо го промовира принципот победа/пораз кој со геометриска прогресија се пренесува до секој нивни следбеник кој следејќи ја таа филозофија станува непријател на својот довчерашен пријател, комшија, роднина.

И ако со длабоко разбирање на проблемите во кои западнаа властодршците и нивната ситуација во која се соочуваат со нивните најголеми стравови, тие некако и може да бидат сфатени, интересно е да се разбере зошто и оној кој нема допирна точка со нивниот криминал и непотизам, со нивното среброљубие, ја следи нивната линија на движење.

Мошне е едноставно – во нив континуирано е вградуван стравот што извира токму од парадигмата победа/пораз, односно ако не победиме, ќе загубиме се’. Актуелните властодршци многу перфидно ја протуркаа лагата дека по нивната смена од власт сите членови и симпатизери ќе загубат многу нешта. Со својата лага отидоа и предалеку, дека некој ќе ги шиканира, па дури и отпушти од работното место – лага „пар екселанс“.

Но, токму тој страв кој се влева кај следбениците, извира од властодршците. Ниту некој некого ќе шиканира, ниту ќе отпушта од работа. Толку мала земја сме што секој со секого, на некој начин, е поврзан и во наш заеднички интерес е да се поддржуваме и да го градиме принципот на победа/победа, односно кој било и да ја преземе палката на политичко раководство, да се грижи за сите подеднакво: Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и останати, подеднакво и за сдсмовци и за вмровци, независно од било која општествена поделба.

Победа – победа е рамка која во сите човечки интеракции константно трага по заемна добивка. Победа/победа значи дека политичките договорите и решенијата имаат корист и задоволство и за двете страни. Со решението победа/победа, сите учесници се задоволни од одлуката и чувствуваат посветеност на планот за акција. Победа/победа го гледа животот како кооперативна, а не како компетитивна арена.

Оваа власт голем дел од граѓаните ги направи склони да се делат на крајности што како вид на размислување е погрешен во самата основа. Тој е втемелен врз моќ или врз позиција наместо врз принципи. Победа/победа се темели врз парадигмата дека за секого има доволно, дека успехот на една личност, организација или политичка партија не се постигнува за сметка или со елиминација на успехот на другите.

Актуелната промовирана алтернатива победа/пораз, која гласи јас добивам, а ти губиш води кон другата страна на паричката пораз/победа, т.е. јас губам, ти добиваш, па повели нека биде по твое, што раѓа општествена апатичност и летаргија која конечно најчесто резултира со напуштање на своето родно огниште.

За општествено добро, за добро на сите нас, она на што во наредниот период треба да работиме, покрај работата за смена на режимот, е да го негуваме менталитет на парадигмата победа за сите нас. Тоа е сфаќање во кое кога „еден“ добива, мнозинството од „другите“ не се губитници. Личноста или групата со овој менталитет размислува во контекст на обезбедување на сопствената завршница – оставајќи им на другите да си ја обезбедат својата.

Во оваа смисла, ние граѓаните на Република Македонија наредниот период во кој се извесни парламентарните избори, не смееме да го сфатиме како натпревар помеѓу нас самите во кој ќе има победници и губитници, затоа што подеднакво ги делиме горливите проблеми и заеднички треба да ги решаваме. Подеднакво ги делиме и сиромаштијата и невработеноста, заедно ја носиме на грб оваа ненародна власт.

Оваа политичка борба нека биде наша заедничка против мафијата која с` уште ја уништува нашата перспектива. Во таа борба нема губитници помеѓу граѓаните, има само поразена мафија и ослободно општество.

Затоа ајде да се договориме прво со самите себе, а потоа и меѓу себе. Поразот на груевизмот да го сфатиме како победа на Република Македонија, наша заедничка победа, а потоа да влеземе во натпреварот во изборот на подобрата перспектива на нашите идни генерации. Натпревар во кој ќе ги поразиме сопствените слабости, а ќе ги истакнеме храброста и одважноста, решителноста и одлучноста. Тоа ќе биде натпревар во кој ќе се избира помеѓу груевизмот и Македонија, натпревар во кој победник мора да биде и ќе биде Република Македонија.

Натпревар во кој победници ќе бидеме сите ние, граѓаните.

Колумна на потпретседателот на СДСМ Александар Кирацовски за дневниот весник „Дневник“, 19.08.2016