НЕВЕРОЈАТНО: КУМ СТАВРЕ БИЛ БУКВАЛНО ВО ПРАВО ЗА ТОА ДЕКА КУПУВАМЕ ЧОКОЛАДО, А НЕМАМЕ ЛЕБ ДОМА: МВР КУПУВА ЧОКОЛАДИ ЗА 77.000 ЕВРА!

0
1101

mvr-zgrada-3

Министерството за внатрешни работи (МВР) распиша тендер за набавка на чоколади за сума од околу 77.000 евра, пренесува „Мета“.

Огласот, како што може да се види на електронскиот систем за јавни набавки, е објавен на 6 октомври, а заинтересираните фирми понудите можат да ги достават најдоцна до 26 октомври.

Како што стои во огласот, предмет на јавна набавка се „чоколади по спецификација“, а проценетата вредност на набавката без ДДВ изнесува 4.743.000 денари или околу 77.122 евра.

Од Министерството побаравме, но не добивме одговор на прашањето зошто МВР набавува толку чоколади и за какви потреби.

Инаку, просечната цена на една чоколада од 100 грама, набавена на големо, е околу 40 денари, што, пресметано, би значело дека МВР бара да набави повеќе од 100.000 чоколади.

Во условите во огласот, меѓу другото, МВР од фирмите бара референтна листа на извршени испораки во последните три години, за стоки од ист или сличен вид и минимум една потврда за квалитетно извршување на договори од референтната листа, издадени од нарачатели или корисници.

Исто така, се бара доказ дека фирмата располага со возило за превоз на стока и дека има персонал од најмалку две лица за испорака.

Договорот за испорака на чоколади е со траење во период од една година, односно 12 месеци, стои во огласот.

Инаку, чоколадите во преносна смисла беа споменати и во еден од прислушуваните разговори меѓу министерот за финансии, Зоран Ставрески, и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во една од „бомбите“ што ги објави опозицискиот СДСМ.

Јанкулоска и Ставрески разговараат за буџетските дупки и за непродуктивните трошења на државни пари.

Министерот за финансии во еден момент ѝ вели на својата колешка од МВР: „Горде, Америка да бевме немаше да издржиме. Патеки околу ова, патеки околу она, аква-паркови, не знам што правиме. Ние сме лудаци. Ова што го правиме е ненормално. Треба да разбереме дека е ненормално. Трошиме на чоколада, а немаме леб дома. Тоа го правиме ние“.