Небитни се изборите битно е да се суди на фамилијата, дали ви е јасно?

0
2425

Демократијата не е проблем. Гласањето, меѓутоа, може да биде и тоа голем проблем, токму за демократијата. Ова изгледа како парадокс, но за жал не е!

Се води долгогодишна дебата, драги мои, за и околу тоа дека поистоветувањето на изборите со демократијата и изродување на поимот „изборен фундаментализам“ се претвора во неочекуван проблем за развиток на самата демократија (Колин Кроуч, Бодли Хед и др). Оваа дебата е всушност постара и води барем до Хенри Давид Туро во написот за „Должноста за граѓанска непослушност“ од 1849) каде тој вели: …Умен човек правата не ги остава да зависат од гласањето и волјата на мнозинството …изборите се најмногу изразување на желба што-кој би требало да доминира со политиката за определено време, со сила на своето мнозинство и ништо повеќе…“

Исклучително силен аргумент за оправданоста на тие стравови и предвидување е таласот на популистички диктатури и мнозински тирании кои се одржуваат преку „заробени избори и гласачки процедури во транзиционите земји на западниот Балкан (плус Турција и Унгарија), а Македонија станува некаков крунски пример за таквата дефомација“.

Поимите избори и демократија одамна се повеќе стануваат синоними. Прво, заради предвидливоста на гласачките процедури, релативната леснотија тие некако да се организираат, за разлика од сложениот систем на владеење на правото и партиципативната демократија, а и заради полесната контрола врз таквите процедури која може да се воспостави од консолидираните центри на политичка, неолиберална, етно-националистичка или слична моќ. Изборите, со еден збор, се покажува дека можат полесно од другите лостови на демократијата да се контролираат и направат предвидливи.

За тоа придонесе долгата традиција и на меѓународна борба за некаква изборност и легитимност на режимите и новите држави од аспект на Обединетите нации и процесот на признавање на државите. Во Универзалната Декларација за Правата на Човекот (1948) на ООН се вели дека: Волјата на народот треба да биде основа за авторитетот на власта, а таа волја треба да биде изразена на периодични, чесни избори со тајно гласање или на начин сличен (equivalent) на слободните гласачки процедури …

Тоа изборите ги исфрли на прв план, од нив направи „Свет грал“ на демократијата, глобален евангелизам и ултимативен критериум за проценка на легитимноста на владеењето. Тоа пак од нас другите направи „изборни фундаменталисти“, такви кои почнуваат изборите да ги ценат како „цел самите за себе“, а не како инструмент за постигнување демократија. Тука лежи основата за деформитетот подоцна изразен и нагласен во случаевите на популистичките диктатури кои ги крадат изборните процедури, ги колонизираат институциите и медиумите битни за нивно нормално одржување и ги претвораат во своја предност за покривање на авторитарното владеење и уривање на другите концепти круцијални за една целовита витална демократија .

Изборен фундаментализам претставува тотална увереност во идејата дека демократијата е невозможна без избори, дека тие се неопходен и фундаментална предуслов на демократијата. Изборниот фундаменталист ги цени изборите сами по себе како цел и формата на гласањата ги препоставува на содржината или човечкиот „материјал’’ кој со нив се избира. Изборниот фундаменталист одбива на изборите да гледа како на едно од средствата за ефективна демократија (колку и да се важни) и ја сведува демократијата всушност на изборните процедури. Како велат некои од авторите, за изборните фундаменталисти изборите се сакрементот на „новата вера“, ритуал сфатен како витална неопходност каде формата станува поважна од содржината.

Слепата верба во избирачките кутии (во однос на сите други инструменти и институции на демократијата) од нив прави цел-мета на современите популистички диктатури, бидејќи тие се релативно лесно, седржително средство на нивно легитимирање.

Кога пак ситуацијата ќе ја искомплицирате, а таа лесно се комплицира во земјите на новосоздадената надеж за демократија, земјите во транзиција – тогаш изборниот фундаментализам ја добива својата целосна да речеме „демонска“ димензија и опасност за демократијата. Во долги изборни серии  во овие земји,  кои немаат либерална традиција и култура на институционална демократија – изборите завршуваат во најразлични опции и крешенда: од изборно насилство и уцени, етнички тензии и дополнителни поделби, изборен криминал и корупција, до зацврстување на власта на различните манипулативни популистички диктатури. Изборите во последниов случај стануваат Фуковиот Паноптикум, затвор со строга контрола.

Теоретичарите на демократијата полека но сигурно разбираат дека изборите автоматски не ја засилуваат демократијата (а некаде не ја ниту овозможуваат?!).

Полека но сигурно се детектираат точките кои ја овозможуваат и олеснуваат оваа деформација, пред се новата улога на медиумите во т.н. општествата на децентрализирана комуникација. Медиумите (комерцијалните и оние другите) стануваат главната линија на создавање и градење на општествениот и политички консензус (организираното цивилно општество во таа насока ја губи почвата под своите нозе). Граѓаните како консеквенца стануваат се повеке консументи отколку креатори на темите битни за дебата во политиката (токму затоа медиумите се цел на колонизација, узурпација и корупција од популистичките елити). Јавните изборни дебати се лизгаат од рацета на граѓаните и организираните политички групи кон медиумите и конструктот на СПЕКТАКЛ во нив. Политичките опоненти и нивните професионални експерти селектираат ограничен број теми и ја диктираат расправата за нив со техники на убедување и во основа илузија, фантазии и страв. Граѓаните го следат политичкиот театар, минута во минута,  но играат исклучително пасивна улога реагирајќи единствено на сигналите од овие центри на спектаклот.
Тие реакции можат да бидат мноштво, хистерични, невротични, секакви (т.н. култура на одговор-веднаш, инстантна оценка и сл.) но немаат содржински импакт на дебатите и селекцијата што е важно – што не и придонесуваат единствено за општата какафонија.

Со медиумите доминира оној кандидат кој успева да ја врами темата за дебата, да се наметне. Диктатурите и нивните лидери можат да си дозволат и отсуство на појава на лидерот на дебата, нивната улога ја вршат колонизираните медиуми.

Како може да се постави институционален и политички отпор на овој затомувачки процес на изборен фундаментализам дополнително узурпиран од популистичките диктатури во транзициските земји? Како може да се врати кон корените на демократијата? Таа впрочем била и секогаш ќе остане не власт на најдобрите, избрани или не, туку можност различните гласови да бидат чуени низ еднакво право да се влијае на политичката акција која ке биде преземена во јавно добро.

Прво е јасно дека изборните процеси во демократијата неможат да се заменат или пренебрегнат, но можат да „се отворат“ и ограничат! Тие мора да се сведат секако на чесен слободен и фер процес на граѓанско определување, но и инструмент за демократска партиципација со ограничен обем и моќ. Резолутната моќ добиена од изборите за политичарите  несмее да остане ултимативна како досега туку мора да се поврзе со систем  на дополнителни разумни секторски партиципативни граѓански иницијативи и акции. Со избори не се добива Џемс Бонд „лиценца да се убива“, тоа значи дека политичкиот сектор добиен со изборите глобално мора да ја изгуби сегашната позиција и моќ. Секторите на независна моќ, посебно судската, мора да се возобноват во својата сувереност, но и другите такви еснафски центри (бизнис, Универзитет, здравство, култура) треба да се возобноват во својата релативна моќ во самостојност. Овој процес се нарекува во теориите за демократија – структурална делиберација. Таа се состои од идејата дека секторските информирани групи граѓани понекогаш се поважни за глобалните решенија од демократските дебати отколку големите, а помалку информирани гласачки машини на партиите активни на изборите.

Од сево ова не ми е јасна опседнатоста на странците во Македонија со датумот на изборите, а не со, на пример судењето на „фамилијата“, во контекст на онаа изјава на „Американецот“: дека без судење за криминалот демократијата и новиот почеток во Македонија немаат шанси???

Љубомир Д. Фрчкоски