НА 96 ГОДИШНА ВОЗРАСТ ДЕНЕС ПОЧИНА КРАЛИЦАТА ЕЛИЗАБЕТ ВТОРА, ЖЕНАТА КОЈА СЕКОГАШ БЕШЕ ВО СЛУЖБА НА МОНАРХИЈАТА

0
528

Кралицата Елизабета Втора почина денеска, на 96-годишна возраст. Велика Британија тагува. Британците ја сакаа својата кралица.

Таа беше кралица која била најдолго на тронот во британската историја. Нејзиниот долг живот беше – служба. Така на работите гледаше и самата Елизабета Втора. Веќе како принцеза, на нејзиниот 21 роденден, во 1947 година, таа им се обрати на своите идни поданици низ Комонвелтот.

„Се колнам пред сите вас дека цел мој живот, долг или краток, ќе ви служам вам и на големата царска фамилија на која сите припаѓаме“. Елизабета го сними за радио краткиот говор со своето животно мото за време на патувањето во Кејптаун. Таа ги користеше медиумите и модерната комуникација. Нејзиното крунисување во 1953 година беше првото што се емитуваше на телевизија. Светски настан.

„Никогаш претходно едно толку исклучително ветување не е одржано толку егзактно. Во време на постојано менување на обичаите и политиката, Нејзиното Височество остана цврста, карпа за нашата нација, а понекогаш и за целиот свет“, рече британскиот премиер Дејвид Камерон на одбележувањето на 60-годишнината од крунисувањето на Елизабета Втора, во 2013 година.

Седумдесет години на тронот: Елизабета Втора по крунисувањето во 1953 година
Седумдесет години на тронот: Елизабета Втора по крунисувањето во 1953 годинаФотографија: empics/dpa/picture alliance

„Кралицата на Велика Британија и Северна Ирска, нејзините други поседи и територии, поглавар на Комонвелтот и бранител на верата“ (точната титула) беше популарна во многу делови од светот, особено во Германија. Еден вид заменски монарх, вели за ДВ германската истражувачка на благородништвото Моника Винфорт.

„Фасцинацијата произлегува од спектакуларното во секојдневието“, вели историчарката. „Всушност, овие благородници прават многу обични работи. Тие се мажат/женат, имаат деца и умираат. Но, тие го прават тоа на репрезентативен начин. Кога инаку ќе видите кочија?“

Големата криза по смртта на Дијана

Принцот Чарлс, најстариот син на кралицата, еднаш го опиша своето семејство, Виндзор, како „сапуница“. Кралицата ги издржа сите драми, разводи, скандали. Разнишана беше само во 1997 година, кога на Британците им делуваше премногу студено. Само по многу двоумење, Елизабета тагуваше јавно поради загубата на нејзината поранешна снаа, принцезата Дијана. По несреќата во автомобилскиот тунел во Париз, кралицата излезе пред телевизиските камери дури по критиките од јавноста: „Сите се обидовме на свој начин да се справиме со тоа. Не е лесно да се изрази загубата, бидејќи по почетниот шок е присутна мешавина од многу емоции: неверување, лутина и грижа за оние што остануваат“. Таа зборуваше како кралица и баба, во црн костим со бисерен ѓердан. Народот се помири.

Кралицата Елизабета Втора и принцот Филип пред Бакингемската палата по смртта на принцезата Дијана во 1997 година
Кралицата Елизабета Втора и принцот Филип пред Бакингемската палата по смртта на принцезата Дијана во 1997 годинаФотографија: Dave Chancellor/Zumapress/IMAGO

Кралицата одржа илјадници состаноци, апсолвираше стотици патувања во странство и секогаш имаше насмевка, никогаш не давајќи никакви политички изјави. Но, таа секогаш знаела што се случува, како што еднаш рече и поранешната британска премиерка Маргарет Тачер: „Таа има одлично познавање на тековните случувања и извонредно богато искуство. Нејзините совети и препораки се секогаш многу точни. Како премиер, профитирав многу од двете работи.“

Додека Елизабета Втора беше на тронот, се сменија 15 различни шефови на влади – од Винстон Черчил до Лиз Трас. Пречекот на новиот премиер на 6 септември 2022 година беше последното јавно појавување на ослабената кралица. Со нова „минивал“ фризура, во здолниште со шкотски дезен и сив џемпер, потпрена на бастун, кралицата им се насмевнуваше на фотографите, за последен пат. Таа се повлече во замокот Балморал во Шкотска. Според упатените во палатата, таа сакала да умре тука. Релативно рустикалниот Балморал, среде грубата шкотска природа, каде одеше на прошетки и јавање, беше омиленото место на Елизабета.

Секоја недела, кралицата ги примаше премиерите на доверливи разговори. Во палатата беа канети не само премиери, туку и судии, синдикалци, претприемачи и обични луѓе. „За мене, аудиенцијата значи дека можам да запознавам луѓе без некој друг да слуша. Тоа ви дава многу широка слика за тоа што навистина се случува во владата или во државните служби. Многу од нив се нормални луѓе, но можам да се сретнам со секого што сакам да го сретнам“. Вака кралицата го опиша својот стил на работа во интервју за Би-Би-Си.

Американскиот претседател Роналд Реган и кралицата Елизабета во јуни 1982 година
Американскиот претседател Роналд Реган и кралицата Елизабета во јуни 1982 годинаФотографија: Everett Collection/picture-alliance

Коњите ѝ беа сè

„Немав време за учење, татко ми умре многу рано. Морав да ја преземам работата ненадејно и да ја работам најдобро што е можно“. Таа сериозно ја сфаќаше работата како кралица. Дисциплината беше нејзиниот водечки принцип. Нејзината страст беше селскиот живот, коњите, нејзините кучиња. Над 30 кучиња корги ја придружуваа кралицата во текот на животот. Од 2012 година не доби ново куче. Не сакала ниту едно од кучињата да ја надживее. „Секогаш е среќна и насмеана кога се во прашање коњите. Потоа може да се опушти. Може да забележи повреден коњ на оддалеченост од 30 јарди“, се сеќава нејзиниот поранешен портпарол Дики Арбитер.

Малата, белокоса жена, која секогаш беше облечена во впечатливи, понекогаш „откачени“ бои, оставаше впечаток. Дури и една друга харизматична личност, поранешниот американски претседател Барак Обама, тоа го нагласи по неговата последна посета на замокот Виндзор: „Кралицата отсекогаш била извор на инспирација за мене и за многу луѓе ширум светот. Таа е неверојатна личност и вистинска скапоцен камен, не само за Британија, туку и за целиот свет“.

Кралицата Елизабета и членовите на кралското семејство, 8.06.2019 година
Кралицата Елизабета и членовите на кралското семејство, 8.06.2019 годинаФотографија: Victoria Jones/PA Wire/empics/picture alliance

Удари на судбината во последните години од животот

Неодамна, кралицата доживеа неколку удари на судбината: нејзиниот внук, принцот Хари, и неговата сопруга Меган, со многу медиумска врева го напуштија Виндзор-циркусот и оттогаш „се продаваат“ како несфатени кралски деца. Меган, ќерка на црнка и белец, во ТВ-интервју кое привлече светско внимание, во март 2021 година го обвини семејството Виндзор за расизам.

Случајот со принцот Ендру беше уште посериозен: вториот син на кралицата беше обвинет во врска со скандалот со злоупотреба околу американскиот мултимилионер Џефри Епстин. Принцот од тужителката беше обвинет дека пред повеќе од 20 години, кога била малолетна, повеќепати сексуално ја злоставувал. Ендру го негираше ова.

Но, најголемиот удар бешесмртта на принцот Филип, со кој Елизабета беше во брак повеќе од 73 години. Тој почина во април 2021 година, на речиси сто години. „Тој едноставно беше мојата поддршка и мојата сила сите овие години“, рече таа еднаш за него.

Последниот јавен настап на кралицата Елизабета Втора, 6.09.2022
Последниот јавен настап на кралицата Елизабета Втора, 6.09.2022Фотографија: Jane Barlow/PA/AP/picture alliance

„Височество и мамичка“

Набргу по погребот на принцот Филип, кралицата продолжи со своите должности како шеф на државата. Но, од неодамна таа мораше постојано да ги откажува состаноците поради здравствени причини.

Нејзиниот најстар син, принцот Чарлс (роден 1948 година), долго чекаше за да ја наследи. Тој не ѝ замеруваше, туку на одбележувањето на 60-годишнината од крунисувањето речиси нежно ја нарече „Височество и мамичка“. Чарлс се обидуваше да биде лежерен, што на мајка му баш не ѝ „лежеше“.

Елизабета Втора: Живот во служба на монархијата
Елизабета Втора: Живот во служба на монархијатаФотографија: Chris Jackson/REUTERS

„Ваше височество, кажано ми е дека милиони луѓе сонуваат да се напијат чај со Вас еден ден“. На лицето на кралицата не се помрдна ништо, иако публиката од срце се смееше. Само кога Чарлс, според редот, трипати ја поздрави и луѓето ја пееја нејзината химна, мајката на нацијата беше задоволна: „Господе, чувај ја кралицата“.