НАЈМАЛКУ 24 ИРАНСКИ ДЕМОНСТРАНТИ СЕ СООЧУВААТ СО СМРТНА КАЗНА ОД СТРАНА НА РЕЖИМОТ ВО ИРАН

0
387

Најмалку 24 Иранци се соочуваат со смртна казна за учество во протестите во кои ја критикуваа владата, наведено е во извештајот објавен денеска. Иранскиот дневен весник „Етемад“, објави список составен од судските власти на кој се наведени 25 демонстранти обвинети за „водење војна против Бог“, обвинение кое се казнува со смрт според исламскиот закон. Раперот Мохсен Шекари, кој исто така е на списокот, обвинет за напад на чувар со оружје, поттикнување тероризам и блокирање на пат, беше погубен во четвртокот.

Правосудните органи најавија дека егзекуциите ќе продолжат. Сепак, во извештајот, „Етемад“ апелираше до судот да ги преиспита смртните казни и да избегне понатамошни егзекуции. Егзекуцијата на Шекари наиде на остра осуда во Иран и во странство. Но, политичките лидери на Иран, вклучително и претседателот Ебрахим Раиси, ја опишаа егзекуцијата како легитимен одговор на немирите низ целата земја. Во меѓувреме, Иранците во странство планираат да одржат серија протестни собири на крајот на неделата.

Протестите беа предизвикани од смртта на иранската Курдка Махса Амини на 16 септември. Таа почина во полициски притвор откако беше уапсена поради кршење на исламскиот кодекс на облекување. Покрај меѓународните санкции поврзани со иранската нуклеарна програма, Техеран сега се соочува и со санкции за кршење на човековите права.