Најголем дел од патниците на летот од Скопје до Финска биле косовски иселеници, Филипче вели ќе се воведат ПЦР тестови и за оние кои транзитираат низ земјава

0
676

Најголем дел од патниците на вчерашниот лет од Скопје до Турку, Финска биле лица со косовски пасош, додека пак со македонски биле само двајца.

„Во однос на информациите за летот од Скопје до Турку, Финска, каде што според финските власти од авион со 157 патници, по доброволното тестирање, 24 биле позитивни на корона вирус, Министерството за здравство по проверка на информациите со службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција информира дека станува збор за патници, иселеници, коишто доаѓаат во Македонија, или транзирираат преку Македонија од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за коишто со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.

Според добиените податоци во посочениот лет најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши“, велат од Министерство за здравство.

Ниту еден од патниците што бил тука во нашата земја со престој како двојно државјанство, финско и македонско, не е на листата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, односно нема решение за изолација поради позитивен корона-тест. Ова го истакна министерот за здравство, Венко Филипче.

„Она што сега го чекаме по контактот што нашето МНР го направи со амбасадата во Стокхолм што ја покрива и Финска, е листата со имиња – 24 патници кај кои било констатирано присуството на вирусот поради тоа што во авионот имало и други државјани, имало државјани на Косово, кои во нашата земја може да транзитираат без тест. Не само тие државјани на Косово, туку кои било други. Ова е еден мотив повеќе на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести да дискутираме дали евентуално и за граѓаните од соседните земји, кои транзитираат, треба да бараме ПЦР-тестови“, потенцира министерот Филипче.

На прашањето како лицата воопшто се качиле на летот, но и какви се процедурите, министерот Филипче истакна дека доколку некој има решение за изолација, а во овој случај немало, тогаш одговорно е Министерството за внатрешни работи за да се спроведува таа контрола.

„Меѓутоа, тоа не е очигледно сценарио, не знаеме сè уште доволно податоци. Повторно ќе кажам, прво, дали се наши и фински државјани со 2 пасоша, со двојно државјанство граѓани, или станува збор за државјани на Косово. Кога ќе ги имаме овие информации, се надевам во текот на денот, можеме да ја имаме целосната слика за тоа што се случило“, рече министерот Филипче.

Во однос на новинарското прашање каква е процедурата и дали се потребни тестови за лицата што транзитираат низ земјава, министерот Филипче информира дека секој може да транзитира. Има ограничен број часови за влез и излез од земјава и затоа засега не е потребен ПЦР-тест, но посочи дека на утрешниот состанок ќе се дискутира повторно за ова прашање.

„Оние работи што ги истражувавме денеска укажаа на тоа дека многу наши граѓани кои имаат и друго државјанство брзале да се вратат за да не ги изгубат своите работни места, па во земјите во кои влегуваат ги користат тамошните пасоши. Има многу можности за вакви работи да се провлечат. Затоа, ќе разговараме утре и за транзитните ПЦР-тестови, но сепак би ја почекале дефинитивната листа на 24-те имиња поради тоа што суштински има разлика дали станува збор за наши државјани или државјани на Косово“, рече министерот Филипче.