НАЈБЛИСКАТА СОРАБОТНИЧКА НА МИЦКОВСКИ, ВАСИЛЕВСКА: Кога ВМРО ќе дојде на власт ќе ги поништиме сите одлуки донесени за време на владеењето на Зоран Заев!

0
1182

Иванка Василевска, членка на раководството на ВМРО ДПМНЕ и професорка на Правниот факултет во Скопје во интервју за српскиот портал „Стање Ствари“  најавува дека ако сегашната опозициска партија дојде на власт ќе ги поништи сите одлуки што се донесени од актуелната власт.

Во обемното интервју, Василевска изнесува повеќе тези за Преспанскиот договор, обвинува странски дипломати за мешање во внатрешните работи на земјата, констатира дека изостанала помошта од Русија по промената на името, за антиквизацијата, за настаните од 27 април, но и споменува некаков вид сојуз со Србија доколку, како што вели бидеме принудени на федерализација.

-Преспанскиот договор е донесен под ултиматум. Нам тој ни е претставен како единствен пат за членство во НАТО и за почеток на преговори за пристапување кон ЕУ. Тој е донесен во околности на директно мешање на западните дипломати во внатрешните прашања на Република Македонија, спротивно на Виенската конвенција и на начелата на дипломатското однесување на странските амбасади. Водечката улога во овој договор ја имаше тогашниот амбасадор на САД Џес Бејли, вели Василевска, констатирајќи дека „за жал Македонија нема вистински, искрени пријатели“.

-Имаме стратешки договор со САД но гледаме дека тој е „мртво слово на хартија“. За време на Груевски Македонија имаше добри односи со Турција. Очекувавме меѓународна поддршка на одредени земји, во прв ред од Русија по противуставната и противнародна одлука за промена на името на државата, но таа изостана. Македонија во овој момент е препуштена сама на себе. Треба да се запрашаме зошто меѓународната заедница толку е заинтересирана да го запре и избрише сето она што е поврзано со македонската држава и народ, вели Василевска за „Стање ствари“.

Во врска со антиквизацијата што беше белег на претходната власт, Василевска вели:

-Наследството на Александар му припаѓа на целиот свет и никој нема право ексклузивно да го присвојува, а на другите да им го ускратува, пред се на Македонците. Ние не ја застапуваме тезата дека исклучиво ние водиме потекло од античките Македонци, бидејќи во антиката не постојат нации и етничка припадност. Ние само сакаме, на основа на античкиот културен контекст да имаме право на своето име како секоја нормална држава, вели Василевска.

За 27 април: Да сакаа да убијат негого кој би можел да ги запре?

За настаните од 27 април 2017 Василевска вели дека е „холивудско сценарио“ и „класичен пример на манипулација“.

-На 27 април 2017 година се случи кулминација, холивудско сценарио за да се контаминира движењето и да се смени власта. Направен беше хаос и луѓето едноставно не беа свесни што се случува. Настаните ги нарекоа „крвавиот четврток“. Јас сега овде вас ве прашувам: Незадоволната маса да имаше намера некого да убие, дали некој жив би излегол од Собранието, кој би можел да ги запре? Очигледно станува збор за класичен пример на манипулација и диригирано управување на толпа по методот на Густав Ле Бон, вели Василевска

Во интервјуто, таа вели дека „единствениот грев на Груевски во очите на меѓународната заедница“ е тој што не сакал да го потпише она што Заев го потпишал со Бугарите и со Грците, а за неа тоа е и признавањето на Косово.

-Мнозинството граѓани во Македонија не го разбраа тој потег. Меѓутоа, Груевски му излезе во пресрет на Запад за да има разбирање за некои посебни македонски интереси. Тука ја изгубивме Србија како единствен регионален сојузник кој ги признава македонската нација и македонскиот јазик. Можете да бидете најбрилијантен претставник на народот, да имате најдобри концепти и програма, но ако не ве поддржува меѓународната заедница, ништо од тоа, вели Василевска.

Таа уште вели дека „новиот претседател Пендаровски во договор со Албанците сака да направи попис кој наводно ќе докаже дека во Македонија има повеќе од 30 отсто Албанци“ што,според Василевска „е доволен услов за создавање функционална федерација“.

-Кога ВМРО ќе дојде на власт ќе ги поништиме сите одлуки донесени за време на владеењето на Зоран Заев. Ќе ги натераме сите корумпирани чиновници да признаат колку пари им се нудени и како се уценувани. Не се продадоа сите, има многу Македонци, Србија и Власи што не се продадоа, тие се вистински херои. Луѓето што прифатија корупција, извршија огромно злосторство кон Македонија. ВМРО-ДПМНЕ е најголем бедем на заштита на македонскиот национален идентитет, култура и јазик. Единствен легитимен борец. Ние сме окупирани, оваа власт не е легална зашто загуби на избори. Имавме референдум што не успеа, тие насилно го сменија уставот, со непринципиелни и криминални дејства. Ние не можеме тука така да преминеме преку тоа, вели Василевска.

Таа вели дека ако Македонија биде принудене на федерализација може да се разгледа опцијата за некој вид сојуз со Србија.

-Во ситуација кога не можеме право-политички да егзистираме, кога ни се одзема правото на слободно изјаснување, кога не можеме да ја зачуваме националната држава, треба да бидеме отворени за сите опции. Една од опциите е активирање на вториот дел од референдумското прашање од 1991 г. („Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверени држави на Југославија?) Во овој момент никој не размислува во тој правец. Но, ако оваа идеја стане реална, други не би ни го дозволиле тоа без крвопролевање. Потребно е на глобално ниво да дојде до договор меѓу големите сили. Во овој момент никој не размислува за тоа. Меѓутоа доколку оваа идеја стане реалност, други нема да ни го дозволат тоа без крворполевање. Потребно е на глобално ниво да дојде до договор меѓу големите сили,  вели Василевска, која додава дека му се восхитува на Вучиќ како на политичар и на неговата политика на неутралност.