Наумов: Светска банка потврди дека износот на јавниот долг за 2016 ќе биде 50 отсто

0
845

Реакција на дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов, во врска со економскиот извештај на Светска банка за Југоисточна Европа:

„Загриженоста што ја изрази Светска банка за темпото на задолжувања во Македонија и за висината на јавниот долг е потврда на нашите предупредувања. Начинот на којшто владее актуелната власт, преку задолжувања, негативно се одразува на економијата.
Светска банка во Извештајот ги потврдува податоците што ги соопштив на граѓаните дека износот на јавниот долг за 2016-та година ќе изнесува 50 проценти. Банката соопшти дека очекува јавниот долг на Македонија да достигне 52.2% во 2017 година.

Исто така Светска банка предупредува за дефицит од 3.4% следната година што потврдува дека актуелната власт носи неразвојни буџети за економијата. Податоците во Извештајот на Светска банка се загрижувачки, ако се земе предвид предупредувањето од ММФ дека Македонија не смее да го покачи јавниот долг над 50% од БДП бидејќи ќе има проблеми со сервисирањето на долговите.

На Македонија и е неопходна власт којашто ќе работи домаќински, којашто ќе се грижи за државата и за потребите на граѓаните и прв чекор во таа насока мора да биде носење развоен и транспарентен Буџет за 2017 година.“