Наумов: Само гувернерот Богов нема слушнато за Панама

0
1049

„Во ситуација кога целиот свет е дигнат на нозе по објавата на таканаречените ПАНАМА ПЕЈПЕРС, кога премиерот на Исланд  заради протечените информации веќе си поднесе оставка, најодговорниот во државата за контрола на одлив и прилив на средства од странство, Гувернерот на НБРМ, излегува на интервју во својство на портпарол на Влада.

Гувернерот Богов ниту збор не кажа дали во периодот додека ја извршува функцијата имало одлив на  средства кон оф-шор сметки во Панама. Ниту збор не кажа дали во соработка со останатите надлежни институции има поведено постапка за испитување на сомнителни трансакции кон оф-шор сметки во странство.

Наместо тоа, гувернерот Богов изјавува „ Народната банка  во изминатите години презема некои мерки, не можеме многу, но можеме нешто да направиме“.  И типично за стилот на Груевски и Ставрески им порачува на граѓаните дека треба да бидат задоволни со 7% кредитен раст , за кој гувернерот МИСЛИ дека е еден од највисоките во Европа.

Кога веќе не сака или не смее да зборува за одливот на средства од Македонија кон таканаречените „даночни раеви“, тогаш барем  да одговори на дописот од 01.03.2016 година, со кој побарав да ме извести за бесправно откажаната аукција на домашни хартии од вредност од 02.02.2016 година, во делот на ингеренциите на НБРМ согласно Правилникот  за начинот и постапката за издавање и исплата на државни хартии од вредност.

Функцијата Гувернер е една од најодговорните функции во секоја држава.

Однесувањето на актуелниот Гувернер на НБРМ со неговите последни настапи во јавноста е типичен пример на клиентелизам кон оние за кои смета дека се заслужни за неговиот избор на функцијата која ја извршува“, се вели во соопштението на Дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов.