Мухамед Зекири: 25 причини зошто мора да се избориме за промени и подобра Македонија

0
2371

25 години независност!!! 25 причини зошто мора да се избориме за промени и подобра Македонија:

1. Заради тоа што листата на млади и не толку, надежни и не толку, кои ја користат првата прилика да ја напуштат земјава, е сè подолга. Заради тоа што, колку и да ќе им фалат, луѓето ги испраќаат со благослов – и по малку тага, не што одат, туку што тие самите сè уште не се снашле и остануваат.

2. Заради тоа што ни ја избркаа дури и надежта дека може да биде подобро и нè сведоа на тоа да бидеме среќни што – со сигурност – не може да биде полошо од ова.

3. Заради сите жени; и оние кои ги сведоа на репродуктивни машини со кампањи како онаа за трето дете, како и за оние чиј избор против мајчинство го ограничија со ретроградните законски решенија за абортус. Заради нашите мајки и баби кои се бореа сите цивилизациски придобивки да им следуваат на нивните ќерки – истите ќерки, што за само неколку години и со неколку катастрофални потези биднаа катапултирани во среден век!

4. Заради сите бебиња кои не стигнаа да израснат во луѓе и сите носилки кои не дочекаа да бидат мајки заради субстандардни услови по државните болници!

5. Заради сите деца. Заради тешко болните, она големо мнозинство чии родители се финансиски срозани, па судбината на чедата им зависи од актуелните ПР планови на владата, но и за оние кои успеваат да се снајдат и минуваат низ голготата на лекување во странство, далеку од поддршката на блиските и својот дом. Заради тоа што сите сме Тамара – и заради тоа што константно успешно во ова здравство се оперира само од одговорноста!

6. Заради мизерните работнички ‘права’ и уште помизерни плати – и животот сведен на борба за гола егзистенција, под секое човечко достоинство. Заради тоа што обичен сендвич или сладолед од 40 денари е луксуз кој со благодарност се прима, во служба на партијата се разбира.

7. Заради тоа што не можеме да си го препознаеме главниот град, ни местата кои ни го обележале детството. Заради врбите од 100 илјади евра и уште потажниот Вардар со грдите мостови и галии. Заради сите споменици и парите буквално фрлени на нив, за сиот кич кој нема никаква врска со духот на старото Скопје и неговите граѓани.

8. Заради урбаната мафија, која не штеди ни сантим земја, не признава ни физика, ни статика кога си има математика. Заради сите исечени дрвја и во име на воздухот што некогаш го дишевме играјќи жмурки во дворови и шетајќи по сокаци кои веќе не постојат.

9. Заради сето уништување на локална историја и немарност кон нашата изворна сегашност. Заради мегаломанските фантазии и упорното наметнување антика која баш никому не користи, а на сите ни наштетува.

10. Заради тоа што во време на вселенски туризам, ние – земја на стариот континент – немаме атмосферска канализација и едно посилно невреме беше доволно за катастрофа од незапамтени размери. Заради тоа што нè научија дека и неволјата познавала партиска боја – барем во нашава ‘вечна’ Македонија! Заради тоа што граѓани реагираа побрзо, со личен труд, време и пари за помош отколку институциите што – од граѓански пари – се платени за таа работа.

9. Заради тоа што ‘демократија’ во 25-годишниот речник на земјава значи токму и исклучиво тоа: дека народот плаќа за сè. По многу пати за истата работа. Затоа што поделбата на власта е именка што не се осудуваме ни да ја помислиме, а политиката константно го злоупотребува својот суверен – граѓанинот.

10. Заради тоа што во Охрид потпишаа договор кој по својата суштина треба да обедини, само за да нè поделат како никогаш до сега! Наши и ваши, патриоти и предавници, Албанци и Македонци и сите останати, курирци и соросоиди, шарени и контраши, про-опозициски и про-владини, напредни и ретроградни.. Црно-бел свет на поделби од кои страдаат само обичните луѓе. И тие што сакаат да живеат во заедништво!

11. Заради тоа што обични криминалци станаа ликови на кои се угледуваат момчиња, и престижно друштво за младите девојки. Заради тоа што сведочиме на комплетна ерозија на вредносни системи што почнува од домашното воспитување и се протега низ сите сегменти на општеството.

12. Заради тоа што четвртата сила во државата одамна е на колена. Заради тоа што во т.н. ‘едноумие’ ширум отворени ни беа прозорците кон светот, а сега не можеме да знаеме ни што се случило во соседното село ако веста не го пројде филтерот на пропагандната машинерија.

13. Заради тоа што желбата да се разбере ближниот, да се научи и говори неговиот јазик е причина за линчување, обострано. Заради тоа што разноликоста е непожелна, а различноста баук.

14. Заради тоа што ја извитоперија максимата дека ‘човечкиот живот нема цена’, применувајќи ја во буквална смисла. Заради Мартин, Монструм и Диво Насеље. Заради сите луѓе кои катадневно гинат по улиците како муви. Заради тоа што сите се еднакви пред законот, но некои се поеднакви од другите.

15. Заради тоа што најопасно живеат оние кои ги почитуваат правилата и најтешко проаѓаат оние кои сакаат да се потпрат само на себе.

16. Заради тоа што образованието ни продуцира генерации дипломци, магистри и доктори со сертификати, но без образ. Квантитет без квалитет. Заради сите самопрогласени ‘експерти’ кои зборуваат и вистински познавачи во својата област кои молчат – и подеднакво придонесоа за дводецениската дерогација на образовниот систем и општествените вредности.

17. Заради константното загадување на околината и незаинтересираноста за преземање итни мерки за зачувување на единственото што им го должиме и на следните генерации. За Југохром и сличните примери. За ‘решавањето’ на проблемите со ‘решавањето’ на мерните станици!

18. Заради скандалот со прислушувањето и најдрското кршење на елементарното право на приватност. Заради навлегувањето во секоја сфера од нашите животи, во секоја пора од општеството. Заради ‘странските служби’ и другите приказни за мали деца. Заради газењето на Уставот и Уставниот суд. Заради ‘таткото на нацијата’ кој си ги предаде своите деца.

19. Заради инвентивноста во сузбивањето и на најмал знак на граѓански револт, заради сите контра-протести и контра-иницијативи по партиска директива.

20. Заради говорот на омраза и ширењето национализам. Заради тоа што ‘народот’ е пред граѓанинот и дежурно паушално оправдание за сиот направен зулум. Заради против-граѓанските, а про-заеднички бизнис-коалиции.

21. Заради државното задолжување во твое и мое име, на товар на твоите и моите деца, внуци и правнуци. Заради ненаменското трошење на пари што ние ќе ги враќаме, а во полза на сопственото останување на власт. Заради навредувачкиот и потценувачки менталитет на ‘барем нешто се прави’.

22. Заради живот во чаура и уназадување во интеграциите кон Европската унија и НАТО. Заради отпорот кон суштински реформи. Заради постојаното барање вина надвор – и чекање решение од надвор.

23. Заради бескрупулозноста, алчноста, ароганцијата, примената на закани, уцени и сила. Заради инсценирани конфликти, драмски апсења и сеење страв и трепет. Заради контролата. Заради целата машинерија што создава непријателства и одржува тензии.

24. Заради тоа што мнозинството ‘мерки’ преземени во изминативе години се како новите барокни фасади на зградите во распаѓање – шминка за пациент кој е на апарати. Суштински мртов. Мртва економија, мртво здравство, мртво образование, мртви медиуми, мртов соживот, мртво општество.

25. Затоа, заради сите нас.

Мухамед Зекири
фејсбук статус