Мукоски за „27 април“: Криминалецот Милошоски беше посочуван дека им кажувал „Качете се, горе е Заев“

0
967

Нарекувајќи го криминалец и прашувајќи дали е тој нарачател на „27 април“, експратеникот Крсто Мукоски му возврати на актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој го спомена коментирајќи ги настаните во САД. Мукоски за „А1он“ вели дека тој и другите пратеници го издржале својот дел за она што го сториле, а прашува зошто Милошоски не одговара за тој настан.

„Иако криминалецот Милошоски не заслужува одговор, ќе го потсетам дека токму тој, лично, беше споменуван од сведок во судскиот процес дека ги насочувал луѓето во прес-салата и им кажувал: ‘Качете се, горе е Заев’. Од каде ја имал информацијата и со кого се координирал? И ќе го прашам, дали тој лично е нарачател на ’27 април’? Дали тој се залага за помирување и слобода за сите луѓе што учествуваа во тој настан или тој го осудува и ги оправдува овие пресуди? Зошто лично не учествуваше во изготвување на Законот за амнестијата, а беше понуден, и тој го гласаше за сега злобно и безлично да критикува? Иронија и лицемерство до бескрај. И на крајот, Крсто Мукоски и другите го издржаа својот дел за она што несвесно и без зла намера го сторија, но прашувам дали тој и таквите како него ќе одговараат за тој настан?“, вели Мукоски откога Милошоски го прозва преку социјалните мрежи.

Актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, осудувајќи го насилството во Конгресот во Вашингтон, напиша дека САД нема да дозволат да биде амнестирано лицето што ги отворило вратите, како што тоа беше случај во Македонија.

„Во Македонија токму извршителот што ги отвори вратите за насилството на 27 април беше амнестиран, а потоа стана и сојузник на владата и беше богато наградуван со милионски тендери за семејната фирма, со што се испрати порака дека доколку си послушен џубокс-пратеник како Мукоски, насилството се исплати и финансиски“, напиша Милошоски