МПМ одговори – се пресметува со нивен уредник и со порталите кои не се под контрола на власта

0
1146

Менаџментот и сопствениците на компанијата „Медиа принт Македонија“ излегоа со соопштение во врска со вчерашната одлуката за скалесто кратење на платите на вработените поради економската криза во државава. Оваа одлука ги предизвика вработените да излезат на протест пред седиштето на компанијата.

Во продолжение ви го пренесуваме соопштението на МПМ во кое тие се пресметуваат со нивен уредник како и со порталите кои ја следат ситуацијата, а не се под контрола на власта:

mpm-press-001-540x348

Во врска со денеска изнесените лаги од одредени „медиуми“, би сакале истите да ги замолиме прво да станат медиуми со редакции, организациска структура , вработени луѓе и регуларни плати со платени придонеси и даноци, па да коментираат одлуки на менаџментот на најголемата медиумска компанија во Република Македонија.

За информација на јавноста, компаниите МПМ и „Графички центар“ Скопје имаат 550 редовно вработени луѓе и заштитувајќи го нивното работно место, за да нема отпуштања, донесена е времена одлука со траење од 6 месеци, скалесто да се намалат платите за 10% – 20% -30 % само на стотина вработени кои ја чинат компанијата од 20.000 ден. до 500.000 ден. месечно по вработен, а на останатите вработени, кои ја чинат компанијата до 20.000 ден. им ги задржа истите плати. Сето ова е направено во согласност со позитивните законски прописи во Република Македонија и не е прекршен ниту еден закон.

Ја разбираме нервозата на еден уредник, кој компанијата ја чини 300.000 денари месечно (со наследен договор од WAZ ) и на кој пред само еден месец му беше понудено доколку не сака да ги спроведе мерките на компанијата, истата да си ја откупи назад од сопствениците по истата цена што му беше платена пред 3 години.

Затоа со ова сакаме да ги информираме сите вработени, да не подлегнуваат на лажни душегрижници за нивните работни места и совесно и чесно да си ја вршат работата како што си ја вршеа досега.

И на крај да разјасниме, економската ситуација во државата никогаш не била проблем за МПМ затоа што ние како најголема медиумска куќа функционираме и работиме според светските деловни стандарди.

Проблемот е што печатените медиуми не се заштитени со ниту еден закон од крадците на нашите вести, колумни и фотографии, кои ние скапо ги плаќаме на светските новински агенции, уредниците и на колумнистите.

Порталите што сакаат да бидат „медиуми“, а едноставно се ситни крадци на вести и фотографии, немаме начин како да ги тужиме. Тие се заштитени со новиот Законот за медиуми, кој го донесе Собранието на РМ минатата година. Сè додека постојат вакви „медиуми“ никогаш како држава нема да имаме вистинско новинарство.

Светскиот тренд на намалувањето на популарноста на печатените медиуми не ја заобиколи ни Македонија. Исто така, со намалувањето на тиражите се намалува и интересот на маркетиншките куќи, и затоа е нормална реакцијата на менаџментот да проба да ги скрати трошоците, за компанијата да нема отпуштање на своите лојални вработени.

И на крај, доколку не сакаме да останеме држава без печатени медиуми би требало посериозно да се размисли како истите да бидат заштитени во македонските закони.

(МПМ и ГЦС)