МОФ: Да се поништат изборите за СПУКМ и институциите да понесат одоговорност за тепањето на студентите

0
987

Соопштение на Младински образовен форум:

Вчерашните криминални избори за претседател на СПУКМ се нелегални, недемократски и ги погазија правата на студентите и мора веднаш да бидат поништени. Младински образовен форум бара целосно поништување на изборите од страна на избирачката комисија на СПУКМ, ректорот во заминување Велимир Стојковски и идниот ректор Никола Јанкуловски и осуда на овие избори од целата академска заедница. Вчерашното брутално насилство и изживување врз студентите кои застанаа во одбрана на академското достоинство и своето право на учество бараме да бидат осудени од Народниот правобранител, но и Студентската правобранителка која наместо да побара заштита на студентските права повикуваше на гласање. Овие избори не треба да бидат признаени ниту од Ректорската управа и Сенатот, каде иако седат нелегалните претставници на СПУКМ останатите членови треба совесно да постапат и да не ги признаат резултатите.

Вчерашните избори за СПУКМ беа распишани од раководство на чело со Кирил Спировски чиј мандат да носи одлуки е истечен веќе 2 години, на прекраток период и по завршувањето на академската година. Дополнителни нерегуларности на изборниот ден беа: прекршување на правото на тајно гласање со непоставување на паравани, немање на избирачки список на гласачките места, немање евиденција за студентите кои гласале, немање целосни изборни комисии со три членови, неозначени гласачки ливчиња, невалидни печати на Студентските парламенти и одземање на гласачките кутии од местата на гласање.

Излезноста која ја соопштува СПУКМ за гласачи на изборите е лажна. Во вчерашниот ден на поголемите факултети како Правниот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет се забележани одвај по десетина студенти кои го искористиле правото на глас, а слична е состојбата и со другите факултети, и невозможно е да има излезност од над 5.000 студенти на овие избори. Потсетуваме дека дури и креираните бројки на СПУКМ да се вистинити, студентската заедница на УКИМ брои 25.000 студенти на додипломски студии, и нивните фингирани бројки се незначителни.

Студентите и медиумите беа сведоци на насилно одземање на гласачките кутии од факултетите и носењето во СПУКМ. На повиците упатени до полицијата од студентите за овој чин, присутната полицијата не интервенираше, за потоа токму Единицата за брза распоредување насилно да ги исфрли студентките и студентите од канцеларијата на СПУКМ, која е и канцеларија на самите студенти. МВР треба да сноси одговорност за поставување на ЕБР и употребување на прекумерна сила за истеруваање на студентите кои мирно и со кренати раце ги дочекаа екипите.

Токму кандидатот кој СПУКМ го прогласува за победник – Давор Поповски, е наследник на нелегална, криминална и насилничка организација која ќе гласа во името на сите студенти во највисоките тела на управување на универзитетот, и токму затоа и професорите треба да не дозволат признавање на овие избори.

Вчерашниот ден е означен со најкриминалните студентски избори и погазување на студентските права на најголемиот и најзначаен универзитет во Македонија. Повикуваме на поддршка на сите студенти кои се борат за своите права и зачувување на демократијата на универзитетот, непризнавање на изборните резултати и осуда на насилството.