МОРАМ МНОГУ МУДРО ДА ИЗБЕРАМ, ТЕЛЕФОНОТ НЕ ПРЕСТАНУВА ДА SВОНИ, ВЕЛИ КУМАНОВЕЦОТ СИНИША КОЈ НУДИ ДОМ НА САМОХРАНА МАЈКА СО ДЕЦА

0
553

Не поминаа ниту десеттина минути откако веста дека нудам дом на самохрана мајка со деца се објави во ,,Фокус”, а телефонот започна да ми ѕвони. За помалку од еден час добив десетици повици, не само од мајки кои се заинтересирани за мојата понуда, туку и од новинарски екипи кои сакаат да се појавам пред камера и пак да ја раскажам мојата приказна – вели кумановецот Синиша Станојковски (60). Тој вчера преку ,,Фокус” апелираше доколку некоја самохрана мајка заедно со нејзините деца живее во тешки услови, ќе ги отвори вратите на својот дом и ќе ги прими, да живеат заедно, ќе помогне децата да се изгледаат, бидејќи тешко му паѓала осаменоста. Кажа дека за возврат очекува во иднина да има кој да му купи лекови, да има блиски луѓе со кои ќе го дели секојдневието.

-Ја одбив новинарската екипа која ми се јави и беше заинтересирана за мојот случај бидејќи не сакам да се експонирам, не сакам публицитет. Ова го правам за да помогнам на некое семејство, но истовремено да си помогнам и себе, оти осаменоста е тешка работа. Започнаа телефонските повици од заинтересирани мајки со деца, не очекував толку голем интерес, сега ме мачи тоа, дали ќе го направам вистинскиот избор. Морам многу мудро да изберам. Како што кажав вчера, не ми е важен изгледот, туку човечноста, бидејќи ова е сериозна одлука која ќе влијае не само на мојот, туку и на животите на потенцијалното семејство. Благодарам на ,,Фокус” што се слушна за мојот апел, бидејќи првично размислував да одам во социјални центри и од таму да замолам за податоци на социјално загрозени семејства, со цел да променам на подобро нечиј живот, но и да си го олеснам мојот осаменички живот – вели Синиша.

Како што веќе објавивме, тој заминал во пензија со бенифициран стаж, имал куќа, стан во Скопје и во Белград, но немал потомство. Кажа дека иако материјално е обезбеден, осаменоста тешко му паѓа, и поради тоа би примил во својот дом самохрана мајка со деца, кои би ги одгледал како свои внучиња. Во Куманово тој бил познат како мирен и повлечен човек, а според податоци од тамошните служби, никогаш немал проблеми со законот.