Могерини: Ќе зажалиме ако Балканот набргу не влезе во ЕУ

0
1304

Шефицата на европската дипломатија во заминување, Федерика Могерини, ја повика Унијата да го задржи силното присуство на Западен Балкан за остварување на јасниот интерес -воведување на целиот Балкан во Европската Унија.

„Убедена сум, доколку тоа не го сториме, дека ќе зажалиме веќе за неколку години“, порача Могерини.

Во своето обраќање на годишната конференција на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел, Могерини оцени дека влезот на Западен Балкан во ЕУ е прашање на повторното обединување на целиот европски континент и дека тоа му е потребно како на Балканот така и на ЕУ.

„Имаме јасен интерес да го воведеме целиот Балкан во ЕУ. Сите знаеме дека е тоа долг, комплициран, секогаш интересен и разигран процес, што ќе бара доста време, решавање проблеми и многу политичка преданост од сите страни и одлучност“, наведе Могерини.

Таа го наведе примерот со прашањето на името на Северна Македонија оценувајќи дека тоа се постигна со залагањето на Атина и Скопје и со константна поддршка и охрабрување од ЕУ.

„Истото важи и за целиот Балкан. Ќе ни требаат храброст, лидерство и упорност, како и таму да го задржиме нашето константно присуство, што значи секој ден“, нагласи таа.