Могерини и Хан: Одлуката на Уставниот суд е нова можност за решавање на кризата, но помилувањата мора ИТНО да се укинат!

0
874

Одлуката на Уставниот суд отвори пат за Собранието повторно да се свика и да ги откаже изборите на 5 јуни, стои во заедничката изјава на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

„Ова е нова можност за државата да се справи со бројните сериозни прашања во екот на продолжената политичка криза. Патот напред мора да биде дефиниран заедно од сите водечки партии, бидејќи само зрелиот дијалог, инклузивноста и посветеноста на демократските принципи, како и неопходните реформи и нивната имплементација можат да ја вратат земјата на евроатланскиот пат“, стои во реакцијата.

Европските дипломати исто така ги повикуваат сите партии да го зачуваат и почитуваат Договорот од Пржино, кој беше договорен минатата година.

„Овој договор и понатаму е најдобар начин за земјата да излезе од сегашната криза. Треба да продолжи работата за подготовка на веродостојни избори, како и за итните реформски приоритети преку инклузивен процес. Партиите исто така мора итно да се справат со сериозниот проблем со помилувањето кое претседателот Иванов го даде на бројни претставници на власта. Помилувањата од 12 април мора неодложно да се укинат со цел да се зачува принципот на одговорност, да се реши сериозниот проблем со неказнивоста и селективната правда. Фундаментално демократско право е сите граѓани да бидат еднакви пред законот“, стои во писмото.

Могерини и Хан повторно ги повикаа партиите да им гарантираат целосна поддршка на Специјалното јавно обвинителство и да му обезбедат непречено работење. Европските претставници истакнуваат дека СЈО и неговата работа се централен дел од Договорот од Пржино.

Европските претставници ги повикаа сите инволвирани страни да избегнат интервенции кои би можеле да ги поткопаат долгогодишните напори на земјата и на меѓународната заедница да се зајакне владеењето на правото.

„Ги повикуваме сите партии да најдат заеднички договор да им служат на сите граѓани. Пристапите кои нема да го почитуваат овие принципи се нешто што ЕУ не може да го поддржи и да застане зад него. Ангажираната опозиција и граѓанското општество играат критична улога во обликувањето и осигурувањето посветеноста на владата кон неопходните реформи“, стои во писмото.