Мијалков до Мицкоски: Ако оставиме на Заев, би те бирал тебе за да те гази на избори!

0
853
Твоите грешки ги плаќа ВМРО ДПМНЕ, а тие резултираа со два изборни порази на претседателските и парламентарните избори, а ги загуби и локалните избори во Охрид и во Ново Село, на сите овие избори, вклучително и на последните, ти си тој што директно одработи за СДСМ, му порача екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој претходно обвини дека тие што бараат негова оставка, а меѓу нив е и Мијалков, му се партнери на Заев.

„Доколку оставиме на Заев и СДСМ да бираат, ке те изберат тебе за да уште десет пати по ред те згазат на избори, а ти да ја бараш вината за поразите на друго место, а не во себе и луѓето со кои соработуваш. Ти и сите околу тебе кои се борат да останеш претседател, се тие кои што одработуваат за Заев, затоа што со тебе на чело, ВМРО ДПМНЕ никогаш нема да се врати на победничка патека, а тоа е единствено во интерес на Заев и СДСМ. Човек што разединува и не ја бара одговорноста во себе, нема лидерски капацитет“, напиша Мијалков на фејсбук.

Тој додаде дека му дава максимална поддршка на Мицкоски да состави влада, но ако не го стори тоа, истакна тој, мора да понесе одговорност.

„Барањето на одговорност од тебе и твојот тим, не е напад на ВМРО ДПМНЕ. Обиди се да ја надминеш суетата. Не се поистоветувај со партијата. Не те личи. На ВМРО ДПМНЕ ќе му тргне тогаш кога ќе добие сериозно лидерство!“, стои во реакцијата на Мијалков до Мицкоски.