МИЦКОСКИ : МАКЕДОНИЈА Е УМОРНА ОД СОСТАНОЦИ НА ПОЛИТИЧАРИ ВО ВРАТОВРСКИ НА КОИШТО НЕ СЕ НОСАТ ОДЛУКИ ТУКУ САМО СЕ ПАРАДИРА, ЈАС СУМ ЗА ЛИДЕРСКА СРЕДБА НА КОЈА БИ СЕДНАЛЕ СИТЕ ОПШТЕСТВЕНИ ЧИНИТЕЛИ И БИ РАЗГОВАРАЛЕ ЗА ПЛАТФОРМА ЗА МАКЕДОНИЈА И СОВРЕМЕНИОТ ПАТРИОТИЗАМ КОЈ ТРЕБА ДА НЕ ОБЕДИНИ

0
446

„Изминатиов период имаше лидерска средба во Собранието и можам да кажам дека Македонија е уморна од состаноци на политичари во вратоврски на коишто не се носат никакви одлуки туку само се парадира, додека зад завесите се продолжува со истите погубни политики кои земјава ја тонат уште подлабоко и со уште поголема брзина. Таквиот декор продолжува со неславни традиции, а не носи решенија за народот“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски на денешната годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

„Затоа прво сакам да зборувам за една таква лидерска средба која што скоро се одржа во Собранието. Единствената лидерска средба драги пријатели за која што можам да кажам дека ќе е потребна на Македонија која е онаа лидерска средба на која што задоволство ќе придонесам, а на која што би седнале сите општествени чинители и би разговарале за платформа за Македонија и нејзиното стратешко позиционирање во однос на отворени прашања“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека во регионов и светот се случуваат сериозни преструктуирања, процеси и се искажуваат отворени аспирации за многу прашања кои не се затворени. А, Македонија за жал како држава се уште нема никаква позиција, никаква шанса, ниту можност да зборува за истите. Па затоа во тој микро поглед секогаш се знаат и позициите на соседите, додека Македонија повторно ја пропушта шансата за да фати чекор со процесите, заглавени во секојдневието каде се дебатира за сервираните вештачки теми на власта.

„Додека домот полека прокиснува, темелите се нишаат, ѕидовите пропаѓаат. Затоа на Македонија ѝ треба средба на која ќе седнат сите општествени авторитети, академици, професори, претставници на универзитети, новинари, писатели, младински лидери, на која ќе се разговара за платформа, за позиции и прашања за стратешкото позиционирање на Македонија наспроти сите предизвици, во однос на европската иднина, во однос на бугарското прашање, во однос на националниот консензус за значајните прашања што за жал го немаме, за економскиот стандард и живот.

Една платформа што ќе ги обедини сите, буквално сите, а една целта ќе биде една и заедничка, а тоа е – МАКЕДОНИЈА. Македонија во која има промени, пристоен живот и иднина. Тоа е и концептот за нов општествен договор кој почива на принципите на мојата визија за заедничкиот патриотизам за кој во неколку наврати досега сум говорел. Таквиот заеднички патриотизам треба да даде одговор на сè она што како сидро нè влече надоле и да нè обедини околу желбата да се тргне напред. Да покаже дека има надеж и нашите луѓе да ги зачува во родната земја. И затоа власта не сака да говориме за ваквите теми. И затоа тие кога ќе сакаат јас да зборувам за Ванчо, ќе ги оставиме нив во историјата, а јас ќе зборувам за решенијата за сегашноста и иднината“, појасни Мицкоски.