МИТКО ЈАНЧЕВ : Заев е многу храбар политичар, јас не би го потпишал договорот од Преспа, немам толкава храброст

0
1266

Една година по Преспанскиот договор, што ќе кажете за него, дали ги исполни очекувањата и дали и донесе добро на земјава, дали сметате дека решавањето на прашањето за името беше правилен потег?

Јанчев: Во делот на менувањето на името, мислам дека како проблем што беше отворен, требаше еден ден да се заврши. Дали требаше на тој начин, или колективно, преку заеднички договор на сите партии, тука е дискутабилно, но тоа е веќе помината работа и бадијала би било сега да го коментираме. Ако видиме дека и од грчка страна, и новиот грчки премиер, вели дека иако не му одговара договорот, но сепак го почитува како договор, и не прави негативна кампања туку го третира како веќе завршена работа, значи треба да одиме понатаму. Значи, незадоволна е грчката страна, незадоволна е македонската страна, кој е задоволен во случајот, треба да размислиме. Додавката на нашето име, Северна, мене за надворешно-политичка употреба воопшто не ми пречи, а за внатрешна употреба, знаеме дека тешко се прифаќа и боли како такво, но мислам дека во тој момент и во таква ситуација, беше извлечен максимумот. Бидејќи, ние не ги знаеме сите ситуации и можности што постоеле. Според мене, ако тоа се решело пред пет, десет години, можеби ќе сме имале и малку подобри позиции, а ако го оставевме и сега да не го решиме, јас мислам дека Македонија само ќе тонеше надолу. И по однос на потпишувањето на Преспанскиот договор, јас мислам дека Македонија ќе почне да оди напред. Моите очекувања лично е дека ќе се добие датум за ЕУ, а НАТО веќе го сметам за завршена работа. Лично како градоначалник можам да кажам дека општина Кавадарци има голем бенефит од соработката со Република Грција. Ќе се прави граничен премин, кој ќе биде финансиран со европски пари, со тоа ни се отвораат многу можности, и економски и локални, туристички, и на централно ниво, така да, мислам дека не можеме да имаме штета од нешто што значи приклучување кон некое семејство, кое е добро семејство. Така да, мислам дека сме на прав пат во тој поглед.

Дали сметате дека со Преспанскиот договор премиерот Заев направи лидерство за кое треба да му се честита, прилика што ја испушти ВМРО-ДПМНЕ, иако владееше 11 години и ја имаше целата поддршка од меѓународната заедница да влезе во тој храбар чекор?

Јанчев: Чекорот е прехрабар. Јас како граѓанин му честитам на тој чекор и на тоа што стои на ставот дека направил правилен потег. Прехрабар чекор, но мислам дека тој чекор, доколку не го оправда во понатамошното функционирање на државата, од денеска па натаму, ќе му биде многу негативен. Верувам дека и тој има такво размислување. Граѓаните очекуваа многу повеќе, јас верувам дека и господинот Заев тоа сака да им го овозможи, но веројатно првите две години премногу беше зафатен со решавање на клучното прашње. Доколку бенефитот од клучното прашање не го добие назад нашата држава и народот, мислам дека тоа ќе биде најнегативната ситуација. Очекувам тоа да заврши позитивно. Инаку, таков чекор не би можел секој да преземе. Еве искрено кажано, кога јас би бил на негово место, јас тој чекор не би го направил, бидејќи притисокот е преголем, а знаеме во какво општество живееме – мала држава, мали средини, и би презел таков чекор само ако има апсолутно разбирање меѓу сите партии и народот, а за жал, тоа во Македонија никогаш го немало, и заради тоа земјата константно губи. Требаше ова многу порано да се реши, но заради дневно политичките дози и опстанувањето на одредени личности на позиции, дојдовме во оваа ситуација.