Министрите Димитров и Адеми претставија два проекти за Преспа и преспанскиот регион

0
1039

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за дијаспора и претседател на работната група за поддршка на преспанскиот регион, Едмонд Адеми денес го претставија проектот ЕУ за Преспа, финансиран од ЕУ, како и Преспа форумот за дијалог.

МНР Никола Димитров нагласи дека Конечната спогодба (Преспанскиот договор) беше нашироко поздравен и препознаен од меѓународната заедница и демократскиот свет, и дека тоа што се чинеше невозможно и нерешливо речиси три децении, може да се надмине. 

Европската комисија на денот на неговото потпишување објави:  „Скопје и Атина нè прават нас Европејците горди на способноста– преку дипломатија и дијалог да се најде win-win решение за прашањето со името кое  се развлекуваше со децении. Ова е инспирација за сите нас.“ 

Се премостија тридецениските разлики меѓу двата соседи, со искажување јасна волја за зацврстување на меѓусебната доверба, градење пријателство, но и како главен двигател во процесот на развивање на стратешко партнерство и сојузништво во рамките на НАТО и Европската Унија. Се решија разликите околу името и опсегот на неговата употреба. Решена е и употребата на кодовите на нашата држава. Покрај храброста и визионерството од двете страни, компромисот беше овозможен и со потврдување на клучните идентитетски одредници, вклучително и на нашиот македонски јазик”, рече Димитров.

Иницијативата на новата Влада да донесе формална одлука за основање на Преспа форумот за дијалог, кој би претставувал своевиден меѓународен форум за дијалог, соработка и решавање на меѓународни спорови кои низ призмата на историскиот успех на Преспанскиот договор, би послужил како инспирација за идните генерации при надминување на разликите и отворените прашања”, заклучи министерот Димитров.

Планирано е Преспа форумот за дијалог да биде сместен во мултимедијалниот центар, кој ќе биде изграден како дел од проектот ЕУ за Преспа. Визуелниот изглед на центарот беше претставен од архитектот Ивана Белчева.