МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ НА СРЕДБА СО ХОЛАНДСКИОТ ЗАМЕНИК ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР ЗА УПРАВУВАЊЕ СО МЕЃУНАРОДНА МИГРАЦИЈА, ЕУКЕ ФАБЕР

0
386

Денеска, (29.09.2022), висока делегација од МВР предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при работната посета на Хаг, Кралство Холандија, оствари средба со заменик генералниот директор за управување со меѓународна миграција во Министерството за правда и безбедност на Кралството Холандија, Еуке Фабер.

„Како и во изминативе години, ефикасното управување со границите, со миграциите и спречувањето на илегалната миграција вдолж ‘Западнобалканската рута’ и понатаму е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи. Граничното управување во голем степен е усогласено со европските стандарди во делот на граничната безбедност, а Министерството за внатрешни работи е еден од главните столбови на националниот систем за Интегрирано гранично управување составен од повеќе државни институции, кој се развива согласно Европскиот концепт”, истакна министерот Спасовски на средбата со Фабер, притоа давајќи оцена дека безбедносната состојба на државните граници е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период.

Министерот Спасовски потенцираше дека особено внимание се посветува на раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, спречувањето на криумчарењето на мигранти, сузбивањето на криминални групи кои вршат криумчарење, идентификацијата на потенцијални жртви на трговија со луѓе и ранливи категории на лица меѓу мигрантите.

„Во делот на криумчарењето на мигранти, во периодот од јануари до јули регистрирано е значително зголемување на бројот на откриени случаи – 57, што е зголемување од 119% во однос на истиот период лани, додека бројот на откриени криумчарени мигранти е зголемен за 141%: откриени се 895 криумчарени мигранти наспроти 371 во истиот период лани, што укажува на зголемена ефикасност во откривањето на вакви случаи”, информираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски укажа на трендовите во периодот јануари – јули, односно дека регистрираните бројки во областа на илегалната миграција, криумчарењето на мигранти и поднесените барања за азил се зголемени во поглед на истиот период минатата година, но како што забележа министерот Спасовски, тие немаат значителен импакт во однос на националниот систем за управување со миграции.

„Во таа насока меѓу нашите главни приоритети е продлабочување и оддржувањето на меѓународната соработка – со земјите од регионот, со земјите на транзит и потекло, со агенциите на ЕУ, во прв ред Frontex, Europol, EASO, на Обединетите Нации – IOM, UNHCR, како и релевантни меѓународни организации – OSCE, ICMPD, DCAF”, подвлече министерот Спасовски.

На средбата се разговараше и за актуелните состојби на глобален план, кои како што рече министерот Спасовски, дополнително ги стимулираат потребите за одржување на цврста меѓународна соработка со земјите од овој регион, поради што Република Северна Македонија активно е вклучена и ги поддржува сите меѓународни иницијативи кои имаат за цел да ја зајакнат соработката и безбедноста во регионот, вклучувајќи ја и безбедноста на целиот европски континент.