МИНИСТЕРОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ, БУЈАР ОСМАНИ ОСТВАРИ ТЕЛЕФОНСКИ РАЗГОВОР СО МИНИСТЕРКАТА ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ШВЕДСКА АН ЛИНДЕ

0
473

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, оствари телефонски разговор со министерката за надворешни работи на Шведска, Ан Линде.

Соговорниците разменија мислења за надворешно-политичките и безбедносните приоритети на двете земји, европската перспектива на Северна Македонија, апликацијата за членство на Шведска во НАТО, како и за актуелните меѓународни предизвици во променетиот геополитички контекст.

Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана посветеност на процесот на проширување на ЕУ и принципиелниот став на Шведска дека одлуката на Советот на ЕУ од март 2020 година, во однос на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија, треба да се спроведе што е можно поскоро. Воедно, изрази благодарност за континуираната развојна соработка и поддршка од Шведска во споделување искуства и зајакнување на капацитетите на институциите на нашата држава, особено на полето на демократијата, владеењето на правото, човековите права, родовата еднаквост, климатските активности, заштитата на екосистемите, инклузивниот економски развој.

Двајцата соговорници разговараа и за зајакнувањето на безбедноста во Европа, при што од наша страна беше ретерирана силната поддршка за членството на Шведска во НАТО. Османи истакна дека, Северна Македонија, како најнова членка на НАТО, е силен поборник за политиката на отворени врати на Алијансата, заснована на заслуги и за правото на секоја нација да избира или да ги менува сопствените безбедносни аранжмани, вклучително и нивниот надворешно-политички курс.