Министерката Рашела Мизрахи: „Проактивно ќе се вклучам во борбата со непријавената работа”

0
970

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи денеска учествува на Регионалната конференција: “Вработување – Нијанси на сиво во Западен Балкан”, што се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина како панел говорник. Конференцијата е во рамките на ИПА регионалниот проект: “Платформа за вработување и социјални прашања 2 – ЕСАП 2“, финансиран во рамките на ИПА 2 Повеќекорисничката програма имплементиран од Регионалниот совет за соработка и Меѓународната организација на трудот кој се имплементира во период ноември 2019 – октомври 2022 .

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи учествувајќи на панел дискусијата како говорник истакна дека таа како министер проактивно ќе се вклучи во борбата со непријавената работа иако на пазарот на труд се појавуваат нови феномени и предизвици.

“Состојбата на пазарот на труд во Република Македонија е слична како и во останатите држави во нашиот регион како Албанија, Црна Гора и Косово. Она со што се соочуваме како предизвик е дека луѓето се немотивирани за да бидат дел од пазарот на труд и формалното образование не ги прати трендовите кои се барани на пазарот на труд. Истовремено дел од активните мерки не ги следеа вистинските потреби и барања на лицата кои треба да бидат баратели на работа. Непријавената работа е проблем за сите, напорно ќе работам да изградам мостови помеѓу понудата и побарувачката кои ќе го отворат патот за одржливи, долгорочни и безбедни работни места.

Со мерките кои ги преземаме ги стимулираме работодавците да ги пријават непријавените работници и да го дестимулираме работењето на “црно“. Непријавената работа доведува до намалување на работната сигурност и безбедност при работа, а пониските плати поврзани со неа може да доведат до нееднаквости и сиромаштија. Во таа насока, ќе се креира систем за следење на неформалната економија вклучувајќи ја и размената на податоци помеѓу министерствата и инспекциите, воспоставување на систем базиран на ваучери или еквивалентни механизми кои што промовираат подобри работни услови, развивање на алатки кои што ги олеснуваат процедурите за инспекција за превенција на непријавена работа, како и спроведување на активности за подигнување на свеста за придобивките од транзицијата кон формалноста“.

На конференција учествуваат високи претставници од министерствата за труд, јавните служби за вработување, инспекторатите за труд, социјални партнери и експерти од Западен Балкан, за да разговараат за тековните и идните лекови против главните предизвици за создавање на повеќе и подобри работни места во регионот. Посебен акцент во дискусиите е ставен на политичките пристапи за трансформирање на непријавената работа во пријавена работа.