МИНИСТЕРКАТА ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА ЈАГОДА ШАХПАСКА СЕ СРЕТНА СО АМБАСАДОРКАТА НА ШВЕДСКА КРИСТИН БЕНГСТОН

0
735

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со шведската амбасадорка во нашата земја, Кристин Форсгрен Бенгтсон, на која беа потврдени добрите меѓудржавни односи, поддршката која Шведска и ја дава на нашата држава  и соработката на повеќе полиња значајни за градење на едно современо и модерно општество кон кое се стремиме, соочено со предизвиците кои ги носи новото време.

„Голема чест ми претставува да бидам дел од Владата која  посветено работи на остварување на нашите стратешки цели како држава и  ги преточува во реалност. Станавме членка на НАТО и нашата следна цел е и да бидеме  дел од европското семејство, членка на Европската унија. Беше навистина голем предизвик да се биде дел од Парламентот кој донесе значајни и историски одлуки, кои пак значат просперитет на нашата држава и обебедуваат подобар животен стандард за сите граѓани“, истакна Шахпаска. 

На средбата се разговараше и за предизвиците со кои се соочуваме како држава изминатиот период , во време кога целиот свет е исправен пред предизвикот од корона пандемијата, носењето на економските пакети кои беа насочени за помош на компаниите, граѓаните, а особено оние на кои помошта им беше најпотребна, а тоа се ранливите категории граѓани. Таа додаде дека се подготвува уште еден дополнителен пакет економски мерки, кои ќе помогнат во справувањето со состојбата која ја донесе корона кризата.

Амбасадорката на Шведска, посочи дека силно ја поддржува Република Северна Македонија кон нејзината интеграција во Европската унија и изрази задоволство во однос на напредокот кој го постигна земјава за релативно  краток период. Воедно истакна дека Шведска останува да биде голем поддржувач на земјава и останува отворена за соработка на повеќе полиња, споделување на досегашното искуство и преточување во реални проекти и мерки прилагодени на нашето општество.

Двете соговорнички се согласија на продлабочена соработка и во иднина, каде и понатаму приоритети ќе бидат демократијата и владеењето на правото, животната средина, безбедноста и пазарната економија, со значително повисок степен на интеграција, поради очекуваното отворање на поглавјата во пристапните преговори.