МИЛЕНКО БЕ!

0
1406

Како одговор на мојот завчерашен текст, на ФБ си напишал: “Стојанче, пиратоловецу, се врати од кај сомалијците и одма со Миленко, а? Ако, ако…“

stojanche-angelov-blackwhite-kolumni

Абе Миленко. Па ти прв се закачи со мене. Кој ѓавол те тераше завчера да јадеш “бурек“ за мене? Кој ѓавол те тераше да објавуваш слики од мене? Или, кога веќе си објавувал, си можел да одбереш некоја поубава. Слика. Од каде ја ископа баш таа? Зарем не виде дека фризурата ми е за никаде?

Миленко. Морам да те корегирам. Јас не сум пиратоловец. Јас не ловам пирати. Напротив. Пиратите ме ловат мене. Поточно, не мене туку бродот кој јас го обезбедувам. Тоа ти е. Судбина. Некој се бори со пирати. Некој чува кози. Некој јаде “бурек“. Некој јаде друго нешто… Во вестите на Сител. Кој за што си учел. Кој за што го бива.

Миленко. Има еден многу добар и реалистичен филм, “Капетан Филипс“. Погледај го, многу работи ќе ти се разјаснат. Она што мене ми остави впечаток во овој филм е моментот кога пиратите го заземаат бродот: “Капетане. Опуштете се. Никој нема да биде повреден. Во прашање е само бизнис. Ние сакаме пари“. И толку. Нема изживување. Нема навреди. Нема омраза. Ти Миленко си бетер од пиратите. Ти Миленко мразиш. Мразиш се живо и диво. И горд си на тоа. А омразата не е добра за здравјето. Со текот на времето може да те ослабне. Да те исуши.

Миленко. Твојата омраза а не твоите ставови се вистинскиот проблем кај тебе. Последните неколку месеци редовно ги следам твоите активности на ФБ. За некои работи имаш право. За некои делумно, за некои не. Но начинот, начинот на кој ги кажуваш твоите ставови… Не е добар. Напротив. Лош е. Многу лош. Ги труеш луѓето. Ги полниш со омраза. И тие кои те подржуваат, и тие кои не те подржуваат, и тие кои не можат да те смислат. На тој начин правиш тројна штета. Ја разгоруваш омразата. Ја креваш летвичката на скалата за омраза. Бидејки твојата омраза е заразна. Се пренесува и кај твоите неистомисленици. Па и тие ти враќаат со омраза. Па ти продолжуваш со уште повеќе омраза… Па и тие ти враќаат со уште повеќе омраза. И така натаму. Круг. Волшебен круг. Круг на омразата. Круг од кој нема излез. Си се запрашал ли некогаш Миленко, каде на крајот ќе не одведе сета таа омраза???

Јас Миленко не те мразам тебе. За воља на вистината, не те ни сакам. Јас сум само згрозен. Згрозен од твојата омраза. Омраза на која ти си горд. Затоа Миленко, еве прифаќам. Го прифаќам твојот предизвик. Да дојдам на твоите трибини. Трибини на кои шириш омраза. Тогаш кога ти ќе речеш. Таму каде ти ќе кажеш. Да дојдам и да видам народ. Како што ти ми викаш во твојот повик до мене. Да дојдам, и таму, на лице место, на тебе, и на тие околу тебе, и на сите присутни, да ви објаснам, зошто ние Македонците не треба да се мразиме! Зошто ние Македонците не смееме да се мразиме! Зошто ние Македонците заедно со сите македонски граѓани, треба да се обединиме!

04.03.2015 година
Генерал Стојанче Ангелов – Лидер на Достоинство