Милевски: Иванов е најдобар кога молчи

0
1071

Либерално-демократската партија синоќа во објектот на Македонската опера и балет ја одржа својата програмска конвенција.

Во преполнетата сала на МОБ, во пресрет на вонредните парламентарни избори партијата ја презентираше својата програма.

Пред присутните се обратија Даниел Кадик, директор на германската фондација Фридрих Науман за југоисточна Европа и господинот Ханс ван Баален, европратеник и претседател на АЛДЕ – Европската алијанса на либерали и демократи, кои се осврнаа на проблемите со кои се соочува државата, меѓу кои и, предизвиците за воспоставување на владеење на правото.

„Тоа што јас сум вечерва тука заедно со останатите меѓународни претставници, е само доказ за тоа дека погледот на либералите од светот е свртен кон Македонија и кон ЛДП. На Македонија и’ требаат независни судски органи и слободни медиуми. Порачуваме ВМРО-ДПМНЕ конечно да престане со притисоците врз СЈО, а секој оној кој работел спротивно на законот, да одговара пред истиот“, рече ван Баален на конвенцијата.

ЛДП-Програмска-конвенција-3

Свои обраќања имаа и претседателите на партискиот подмладок и на Форумот на жени, кои ги потврдија заложбите за достоинствен живот, родова еднаквост и решавање на проблемот со иселувањето на младите.

ЛДП-Програмска-конвенција-6

На конвенцијата се обратија и генералниот секретар на Либералната интернационала, Емил Кирјас, Никица Корубин, Проф. Д-р Никола Пановски, Драган Малиновски и Проф. д-р Зоран Шапуриќ, кои презентираа делови од програмата, секој од својата област.

Настанот, со завршен збор, го затвори претседателот на ЛДП, Горан Милевски, кој зборуваше за актуелните политички случувања и проблемите со кои се соочуваат граѓаните.

ЛДП-Програмска-конвенција-5

„Додека Груевски и ДПМНЕ градат споменици, младите секојдневно се иселуваат од Македонија. Даваат привилегии за странските инвеститори, а од друга страна, ги малтретираат и рекетираат домашните фирми. Трошат пари за барок споменици и скулптури, а земаат кредити за плати и пензии. На пензионерите им треба стабилна пензија, а субвенциите да одат кај вистинските земјоделци. Новата влада ќе инвестира во инфраструктурата и во обновливи извори на енеригја“, порача Милевски.

Милевски се осврна и на последните изјави на претседателот Ѓорѓе Иванов.

ЛДП-Програмска-конвенција-4

„Еве, Иванов за германските медиуми изјави дека Европската унија не’ лажела и манипулирала 25 години. Иванов е најдобар кога молчи затоа што кога прозбори, не’ скара со цела Европа. Му порачуваме да продолжи да си молчи, затоа што импичмент за вакво однесување не му бега“, порача Милевски

Мотото на годинешната конвенција на ЛДП е „Има избор. Овде и сега“.