Мила Царовска со апел до Битолчани: Што повеќе семејства да го отворат својот дом, да обезбедиме згрижувачи за бебињата од „Мајчин дом“ – Битола

0
997

Забрзана динамика на излегување на децата од големите институции, особено на бебињата од „Мајчин дом“ -Битола е фокусот за годинава на Министерството за труд и социјална политика во процесот на деинституционализација. Освен „Мајчин дом“ наскоро целосно треба да биде трансформирана и установата „Бања Банско“, а корисниците сместени во станбени единици ќе добијат поддршка за самостојно живеење. Ова беше договорено на денешниот координативен состанок на кој беше презентиран планот за деинституционализација за следниот период. На состанокот присуствуваа министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, в.д. координаторот на агенциите на ОН и преставник на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, како и преставници од Европската делегација.

„Раното учење е најважно за понатамошниот развој на децата. Затоа ќе направиме сѐ што повеќе бебиња од институциите да заминат во згрижувачки семејства каде ќе добијат топол дом, нега и љубов. Затоа нашата цел како Влада која што се грижи за секој во општеството годинава е „Мајчин дом“ целосно да се трансформира. Со заедничката кампања со УНИЦЕФ имаме создадено одлична база на над 100 згрижувачки семејста кои ќе се грижат за децата и верувам дека и други семејства ќе го отворат својот дом “, рече министерката Царовска.

Преставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс истакна дека тие како партнери, даваат силна и безрезервна поддршка на целиот процес на деинституционализација.

“Во 2018 беа постигнати одлични резултати во процесот на деинституционализација и ја поздравувам одлуката што оваа година фокусот ќе биде ставен на забрзување на реформите за деца под 3 години. Без разлика колку се посветени, грижливи и професионални, вработените во институциите не можат да го дадат она внимание што е потребно за да им се помогне на децата во најкритичните години од нивниот развој. Само опкружување слично на семејното може да му даде на детето чувство на сигурност, идентитет, припадност и љубов кои му требаат за да напредува, “ рече Перкс.

Во изминатиот период бројот на деца до 18 годишна возраст сместени во институции е намален за 60%. Во Специјалниот завод „Демир Капија“ повеќе нема деца на возраст до 18 години, а целосно се трансформирани и домовите „11 Октомври“ и „25 Мај“. Децата се сместени во мали групни домови во Скопје, Неготино, Тимјаник и Штип, а дел се здомени кај згрижувачи.

Целата на Министерството за труд и социјална политика е да ги трансформира големите институции за што Владата усвои Национална стратегија за деинституционализација 2018-2027 година. Акцискиот план е веќе на сила, што јасно се утврдени потребните чекори, показателите за успех и потребните средства за надлежните институции и чинители во процесот.

 Одделение за односи со јавност