Меркел ја заобиколува Македонија – дипломатска шлаканица за власта?!

0
1236

Аналитичарите загрижени, власта воздржана. Скопје повторно не е на мапата на германската канцеларка Ангела Меркел која денеска од Тирана ја започнува мини турнејата низ Балканот. Во услови на политичка криза но и континуирани забелешки за назадување на демократските процеси, проблемите во судството, состојбата со медиумите ваквиот развој според експертите е повеќе од јасен но истовремено и загрижувачки сигнал, пишува Дојче веле.

merkel i gruevski

„Тоа што германската канцеларка Ангела Меркел ја забиколува Македонија во нејзината балканска визита е дефинитивно лош знак за Македонија. Нема случајности во планирањето на вакви посети, напротив тие даваат јасна политичка порака. Игнорирањето е најлошто што на Македонија може сега да ѝ се случи, особено што тоа доаѓа од реално најсилната членка на ЕУ во моментов. Оваа порака треба да се чита во комбинација со инсистирањето на Германија на минатиот Совет на ЕУ од заклучоците за Македонија да се тргне „европската перспектива“. По ова, ќе биде многу тешко Македонија да изгради поволна позиција кај Германија, која и така беше реално воздржана за македонската интеграција во ЕУ“, коментира за Дојче веле Малинка Ристевска Јорданова директор на Институтот за европска политика.

Дипломатска шлаканица

За дел од експертите фактот дека Меркел доаѓа во Тирана, Сараево и Белград, но не и во Скопје е јасен сигнал, посебно до актуелната владејачка структура:

„Ова е една многу јасна порака до македонските политичките структури, посебно до власта дека демократските процеси назадуваат, дека отсуствува не само демократија во политичка смисла, туку и слобода на медиумите, независност на судството и процеси кои се директно регулирани и водени од партиите на власт. Значи, недоаѓањето на Меркел е дипломатска шлаканица врз актуелната Влада предводена од Никола Груевски и Али Ахмети“, коментира Горан Рафајловки универзитетски професор, поранешен македонски амбасадор во Берлин.

Случаен, протоколарен или намерен потег?

Фактот дека Меркел повторно ја заобиколува Македонија за време на нејзина посета во регионот за власта не претставува загрижувачки сигнал со оглед дека таа и премиерот Никола Груевски повеќепати оствариле средби во последниве години. Сепак дали овој пат станува збор за случаен, протоколарен или намерен потег, во ВМРО ДПМНЕ не сакаат официјално да коментираат. Не добивме одговор ниту во министерството за надворешни работи на Македонија.

Ангела Меркел инаку важи за политичар со активен интерес за состојбите во регионот и Македонија. Честопати јавно изразувала поддршка но не штедела и критики за актуелните состојби во Македонија. Во делот на спорот со Грција околу уставното име лани во Дубровник таа изрази оптимизам дека е можно решение на ова прашање но преку компромис:

„Без компромис нема да може да се реши проблемот. Компромисот значи дека сите страни истовремено треба да бидат незадоволни. Од компромисот не може да се очекува дека се ќе заврши со среќа. Кога сите се незадоволни на некој начин мора да се постигне компромис“ , изјави Меркел.

Германија инаку важи за значаен партнер на Македонија, посебно на економски план и активен поддржувач на евроатлантското интегрирање на земјата. Во делот на трговската размена германскиот пазар е единствениот од ЕУ со кој Македонија остварува суфицит. Добар дел од присутните странски инвеститори во слободните економски зони се германски комапнии, а веќе се најавува почеток на производствени активности и на неколку нови. Во двеипол децении независност Македонија не ја посетил ниту ниту еден германски канцелар.