МЕРИ ЈОРДАНОВСКА : ЛЕВИЦА ЕТИКЕТИРА И КРИВИЧНО ГОНИ НОВИНАРИ, А ВИЕ МИСЛЕТЕ ДЕКА ГЛАСАТЕ ЗА ТРЕТА ОПЦИЈА!

0
1907

Долго време се обидувам да се држам настрана од случувањата околу локалните избори на социјалните мрежи. Дури и ми е „бљак“ сè што читам, по толку години верглање, исто па исто. И факт е дека не верувам во никој. Но, не можам да премолчам преку некои работи, иако молчев со месеци. По соопштената коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица за мнозинство во Советот на Град Скопје, ми се врати се што доживувавме како новинари пред пет-шест години, а очигледно и понатаму ќе го доживуваме, напиша новинарката Мери Јордановска во пост на нејзиниот Фејзбук профил.

Господинот Апасиев нè тужи кривично, како новинари, веќе со месеци, по член 148 од КЗ, за објавување ЛИЧЕН запис оти сме објавиле негов одговор на наша смс порака (официјална, потпишана, со барање за став), за тоа како партијата ќе ги троши државните пари што ги доби од буџетот. Одговорот беше „обратете се до центарот за ПРОВЛАДИНИ медиуми на Левица, пишува Јордановска.

Таков центар, продолжува Јордановска, претпоставувате, не постои. Поентата на професорот, според неа, е „иронично да нѝ залепи етикета, дека одработуваме за власта“.

И така тој решава да покрене кривична тужба, оти прашањето било поставено на неговиот ПРИВАТЕН број. На истиот тој човек му сметаше што пратениците користат службени возила, не плаќаат патарини, добиваат пари за патни трошоци, но службен мобилен не влегува во ова, нели, додава Јордановска.

Па така, наведува Јордановска, „со месеци се тегнеме по судови, повторно ги добиваме етикетите на „соросоиди“ и „курирци“, оти господинот не смеело да го вознемируваме на приватниот број“.

А немаше проблем со тоа кога договаравме интервју на истиот број, тогаш немавме закани за тужби, но го пецнеш ли за пари, пратеникот е навреден. Ме стави во уста неповикана, нѝ залепи етикети кои ги немаме, а притоа и нѝ посака „мал срцев удар на 40 години“, онака, како што му доликува на еден народен избраник. Но, затоа нема храброст ЕДНАШ да се појави на рочиште и да го изнесе својот став, а нѝ бара пари повисоки од две просечни новинарски плати, додека ние се тегнеме по судови со месеци, објаснувајќи се за елементарни работи – дека пратеник и лидер на партија си 24/7 и или одговараш на новинарско прашање или не. Толку. Недоличниот однос со новинарите кои се обидуваат да презентираат факти пред граѓаните, следствено значи и недоличен однос кон целата јавност. Дотолку повеќе ако станува збор за јавни пари и за функционер, пратеник и лидер на партија, нагласува Јордановска.

Таа, притоа се обрати и до опозициската партија, но и до лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

„Епа господа од ВМРО-ДПМНЕ, нека ви е честита коалицијата. Сега барем знам што ќе нè чека во иднина, но без гајле, навикнати сме на кревки политичарчиња навредени од новинарски прашања. Толку од мене на темава. Апасиев, и цела јавност, се гледаме повторно на 15 декември во Кривичен суд. Јас гордо ќе седнам во обвинителна клупа, бранејќи ја својата професија и гадејќи сe од сите политички пазарења за власт, од државните пари што ги расфрлате за глупави тужби и од нападите и етикетирањата на новинарите. А вие, мислете си дека гласате за „трета опција“, е пораката на крај на постот на Јордановска.