МЕГА НУКЛЕАРНА БОМБА НА МАКФАКС : Газдата на земјиштето спроти „Холидеј Ин“ е во бизнис релации со Мијалкови!!!

0
2822

Фирмите на Зоран Антиќ, еден од сопствениците на фирмите „Обновители“ и на „МГ Фешн“, кои станаа газди на земјиштето спроти ГТЦ каде што е предвидено да се градат висококатници, се поврзани со компании на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, покажуваат податоците од Централниот регистар.

Овие две фирми со заеднички именител – кумановскиот бизнисмен Антиќ пред еден месец со непосредна спогодба го купија државното земјиште спроти „Холидеј Ин“ од 9 илјади квадратни метри за 312 евра по квадрат. На ова место е предвидено да се градат 60-катници, но засега општина Центар има ставено мораториум за градби.

По обелоденувањето на информацијата, во јавноста почна многу да се говори за МПЦ како нов сопственик на земјиштето, а малку за кумановскиот бизнисмен Антиќ кој е бизнис партнер и со црквата, преку фирмата „Обновители“, но и со фирма во Прага, преку која со поврзува со Мијалков.

Екипата на „Макфакс“ изврши увид во речиси сите фирми каде што газдата на познатиот бренд „Битсиани“, Зоран Антиќ, фигурира како сопственик. Негова фотографија речиси и да не се појавува во медиумите, во архивите не можат да се најдат негови изјави, а сепак, неговите бизниси се поврзуваат со многу атрактивни локации во центарот на Скопје.

Според Централниот регистар, Антиќ се јавува во сопствеништвото на осум компании. Едната е фирмата „Обновители“, каде што сопственици се Зоран Антиќ заедно со Македонската православна црква (МПЦ).

Втората фирма e МГ Фешн, каде сопствеништвото го делат Зоран Антиќ и неговата сопруга Тања. Оваа компанија се јавува како сопственик на повеќе фирми, од кои едната води кон Прага, Чешка.

Па така, МГ Фешн е еден од сопствениците на компанијата Волис Проперти ФЛ, заедно со Квалитет – пром од Куманово и Билдинг Капитал. Фирмата – мајка на Билдинг Капитал, пак, се наоѓа во Прага, Чешка.

Сопственик на Билдинг Капитал е Build Fashion Group SRO од Прага, а документите од чешкиот регистар говорат дека управител на оваа компанија е Зоран Антиќ. Последните промени се направени во мај годинава, кога Антиќ му дава полномошно на чешкиот државјанин Горан Гацов, кога основачкиот влог на фирмата се зголемува од 250 илјади на 500 илјади круни односно на речиси 20.000 евра.

Горан Гацов во јавноста е познат по тоа што директоруваше со фирмите од Чешка на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Ова го обелодени СДСМ на прес – конференција уште пред 3 години.

„Сашо Мијалков во неговиот анкетен лист нема пријавено цела една фирма во Чешка во негова 100 процентна сопственост, тоа е фирмата Миртланис. Директорот на УБК ја продаде фирмата.Го прикажуваме договорот кога Мијалков ја купува фирмата Миртланис. Склучен на 26 февруари 2013 година. Под потписот на купувачот Сашо Мијалков, се наоѓа потпис на лицето Горан Гацов. Познато е дека фамилија Гацови ги води бизнисите на Мијалков во Чешка. Значи Горан Гацов станува управител на фирмата Миртланис“, објави СДСМ.

И веб-порталот Нова пишуваше дека долгогодишниот директор на фирмите на Мијалков, Горан Гацов, останал директор и откако заврши трансферот на сопственоста на фирмата Миртланис.

Втората поврзаност со Мијалков е преку фирмата Капитал Проперти Инвестмент, каде што сопственик е Антиќ, заедно со Дивелоп Груп. Сопственици на Дивелоп Груп, пак, се Александар Ивановски (во јавноста познат како Алек Теранова) и Бест Веј Инвестмент, фирма чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, 24 – годишниот Јордан.

Мрежа од сестрински компании го градат централното градско подрачје

Името на Зоран Антиќ беше актуелно во јавноста во 2016 година кога се поплави градилиштето спроти зградата на МНР и се претвори во езеро од фекалии. Поплавата која се случи веднаш до новата барокна зграда на Факултетот за драмски уметности, отвори опасност од свлечиште на земјиштето кое можеше да ги загрози и соседните згради.

Инвеститор во овој проект беше компанијата Волис Проперти ФЛ, додека изведувач е Рапид Билд, а сопственици на оваа градежна компанија се двете фирми Квалитет Пром и Детоил ДОО Куманово.

Тогаш порталот Нова ТВ пишуваше за „Рапид Билд“, каде кумановецот Тони Каранфиловски преку семејните компании Детоил и Квалитет-пром ги има речиси сите удели заедно со братот и таткото.

Во фирмата – инвеститор, Волис Проперти ФЛ, мнозински сопственик со 50 проценти е фирмата со чешки капитал „Билдинг Капитал“.

„Рапид Билд“ е една од двете фирми на кумановскиот бизнисмен Тони Каранфиловски, за кои медиумите пишуваа дека ќе бидат вклучени во милионскиот бизнис со изградба на гасоводната делница во земјата. Во овие две фирми како сопственик се јавува компанијата „Квалитет пром“, која е семејна компанија на Каранфиловски.

Кумановската фирма „Рапид Билд“ е исто така компанијата која ја доби изградбата на гасоводот на Водно, против што повеќе пати протестираа активистите и здруженијата за заштита на зеленилото, откако булдожерите започнаа да копаат на планината.

Волис проперти ФЛ е инвеститор, а Рапид Билд е изведувач и на барокниот деловен објект „Св. Мина“ во центарот на Скопје, каде што се наоѓаат просториите на ВИП-ОНЕ.