МВР ОТКРИ ФАБРИКА ЗА ПИШТОЛИ, УАПСЕНИ СЕ ДЕВЕТ ЛИЦА!

0
1719

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека повело постапка против девет лица од организирана криминална група за изработка и продавање  огнено оружје.

Надлежен јавен обвинител поради постоење основано сомнение, како што се посочува, донел наредба за спроведување истражна постапка против девет лица за сторено кривично дело –  Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик.

Осомничените во текот на октомври 2018 година ја создале криминалната група, што на територијата на државата неовластено изработувала, држела, продавала и посредувала во трговија со огнено оружје  и  муниција во поголемо количество.

Дел од осомничените од засега непознато место набавувале потребна количина пиштоли за светлосна и звучна сигнализација. Набавеното оружје во работилница во сопственост на еден од осомничените со употреба на пригоден алат било неовластено изработувано во огнено оружје – пиштоли. Имено, биле вадени цевките што служат за испукување гасен куршум и на нивно место вметнувана метална цевка, со што осомничените вршеле  пренамена во огнено оружје претежно од калибарот 7,65 мм. Ова  оружје може да се употребува за нанесување тешки повреди со смртни последици. По изработката на пиштолите, дел од осомничените  пронаоѓале заинтересирани лица во земјата и го продавале огненото оружје за цена од 150 до 400 евра, информираат од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до надлежниот суд ќе достави и предлог за определување на мерка притвор.