МВР: Кривични пријави за уште седуммина напаѓачи на Заев и Села

0
1402

МВР соопшти дека СВР Скопје поднесе кривични пријави против седум лица во врска со насилствата во Собранието на 27 април. Како што се наведува во соопштението се работи за Д.Т. (42), Н.П. (39), Б.Г. (43), сите од Скопје и против Г.А. (43) од Велес поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл. 384  од Кривичниот Законик на Република Македонија.

Против А.П. (39), И.К. (37) и Н.В. (39), сите од Скопје се поднесени кривични пријави поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“  по чл. 385 од Кривичниот Законик на Република Македонија.

Тие се сомничат дека вечерта на 27 април околу 19 часот, откако насилно ги пробиле кордоните од полициски службеници, влегле во сала бр.3 каде се одржувала прес конференција и ги нападнале пратениците З.З. (42) од Струмица и З.С. (44) од Струга, како и лицето А.Т. (лично обезбедување на З.З.).

Г.А. ги повикал останатите присутни да влезат, а Н.П. влегол во сала бр.3, се заканувал и физички го нападнал А.Т. (лично обезбедување на З.З.).

-Пријавените А.П., И.К. и Н.В. во прес салата бр.3 го извршиле кривичното дело на начин што А.П. фрлил статив за камера кон присутните пратеници, И.К. физички го нападнал А.Т. и го повредил во пределот на главата фрлајќи кон него со канцелариски стол со метални ногарки, а Н.В. со нога го удирал пратеникот З.С., додека лежел на подот, се вели во соопштението.

МВР соопшти дека во врска со настаните, на информативен разговор повикани се и лицата А.Ш. (22) од Скопје и В.М. (29) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по чл.385 од Кривичниот Законик на Република Македонија, кои по извршените разговори, истите се ослободени.