Маските од утре задолжителни во Куманово, Прилеп и Тетово, МВР ќе фотографира при казна

0
680

Носењето на заштитна маска од утре ќе биде задолжително за жителите на Куманово, на Прилеп и на Тетово, брифираат од Владата. Целта е, како што нагласуваат, да се создадат услови за повеќе движење, а притоа да се гарантира заштитата.

Ова е зајакнување на т.н. меки мерки, нагласуваат од „Илинденска“ ББ, за да не мора да се заоструваат рестриктивните за кој во тек е изработка на план за нивно олабавување.

„Тоа нема да се случи преку ноќ. За да може да се обезбеди олабавување, мора претходно сите заедно да ја обезбедиме заштита – маска/марама, два метра дистанца, негрупирање. Целта не е да се казнува, туку да се обезбеди што е можно пошироко почитување на мерките, од сите“, брифираат од Владата.

Прво опомена, МВР со обврска да фотографира како потврда при изрекување казна

Затоа најпрво ќе се упатуваат опомени, па дури потоа казни, за што, дополнуваат од Владата, „не би сакале да има потреба“.

„Ако дојде до изрекување казна, полицијата ќе има обврска да фотографира за оправдување на мандатната казна“, дополнуваат од Владата.

Целта е да не избегне можност за казни без покритие. Во врска со олабавувањето на рестрикциите на територија на цела држава, тоа ќе се одвива во неколку фази, потенцираат од Владата. Една од нив се однесува и планот за скратување на времетраењето на полицискиот час, но задолжително ќе мора сите да носат маски/марами, а остануваат и мерките за забрана на групирања и задолжителна дистанца од два метри.