МАРЈАН ДОКАЗ ОСУДЕН НА ТРИ ГОДИНИ И ЕДЕН МЕСЕЦ ЗАТВОР

0
558

Тој доби и забрана да регистрира домен за портал во земјава во наредните десет години, а со првостепената пресуда престануваат да важат и регистрациите на домените што ги направил досега.

Фото: 360 степени

Три години и еден месец затвор и 5 000 евра парична казна доби сопственик на порталот „Доказ“, Марјан Стаменковски. Основниот кривичен суд Скопје му ја одреди ваква казна за пет кривични дела за кои го прогласи за виновен.

Покрај тоа, судот му изречен и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домен на портал за време од 10 години сметано од време на правосилност на пресудата, а престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени.

Пресудата ја изрече судијката Марија Клетничка-Марковска од Основниот кривичен суд Скопје, која рече дека Стаменковски е прогласен виновен за сите пет кривични дела за кои се гонеше. Станува збор за две кривични дела ширење расистички и ксенофобичен материјал и едно дело: уцена, пиратерија на аудивизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.

Пресудата не е правосилна и Стаменковски и Обвинителството имаат право на жалба до Апелацискиот суд во Скопје.

По барање на обвинителството, а со одлука на судот, судскиот процес се одвиваше зад затворени врати поради заштита на приватноста на жртвите или, како што рече обвинителката Зорица Павловиќ, од причина што се работи за кривични дела против моралот и со цел да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи.

Од истите причини не е дозволено и објавување одредени делови од пресудата.

Со што се поврзани кривичните дела

Во врска со делата ширење расистички и ксенофобичен материјал, според обвинението, тој се товареше дека едното ги направил со објавување текстови за двајца свештеници и за две новинарки. ОЈО Скопје наведе дека во текстовите за свештениците било наведувано дека тие се поврзани со домашни и странски тајни служби и се упатувале заканувачки зборови со кои се поттикнувал народот да ги протера од манастирот во кој тие служеле.

Другото, пак, е поврзано со навредливи текстови за две новинарки чија цел, според пријавата, била тие да се заплашат и да не објавуваат текстови во медиумот каде што работат.

За делото уцена, според информациите од ОЈО Скопје, оштетено лице било контактирано од Стаменковски кој го повикал на средба за му побара пари во замена да не објавува приватни фотографии и информации за него. Оштетениот одбил средба, па на порталот „Доказ“ биле објавени повеќе текстови за жртвата.

За пиратерија на аудивизуелно дело, пак, тој се гони врз основа на пријава од телевизија која имала ексклузивни права за одредена содржина која обвинетиот ја објавувал на својот портал и овозможил нејзино неограничено прикажување.

Во целиот овој случај, ОЈО Скопје наведе дека е вмешана и една истражителка од МВР која била ангажирана во обвинителскиот Истражен центар. Тој контактирал со неа и се обидувал да дознае информации за предмети по кои се постапува вклучително и за неговиот. Од приватната комуникација со истражителката, тој објавувал лични податоци и фотографии за четворица други истражители ангажирани во ОЈО Скопје поради што сега се товари и за делото злоупотреба на лични податоци.

Вториот предмет за Стаменковски се очекува да ги открие нарачателите на текстовите

Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари. Надлежните се сомневаат дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела за што ОЈО Скопје води и втор предмет.

Шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски, во гостувањето во емисија „360 степени“ на 10 март 2023 година, рече дека дека една од тезите по кои се води ОЈО Скопје и за што постојат основани сомнежи е тоа дека некој нарачувал и плаќал за да се објавуваат текстови на „Доказ“, за што индикација биле и паричните средства во износ од околу 90 000 евра што се пронајдени при претресот на домот на сопственикот на порталот. Тој изрази надеж дека ќе успеат да стигнат до нарачателите на текстовите.

Извор : 360 Степени