МАРКОСКА : СИТЕ ПРАТЕНИЦИ ДА ГО ПОДДРЖАТ РЕБАЛАНСОТ КОЈ ОБЕЗБЕДУВА ЗАШТЕДА ОД 200 МИЛИОНИ ЕВРА И ПОВИСОКИ ПЛАТИ

0
609

Прес-конференција на СДСМ, Даниела Маркоска, пратеничка на СДСМ

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Владата предводена од СДСМ го утврди ребалансот на Буџетот за 2022 година.

Овој ребаланс е важен затоа што со него во време на најголема светска економска криза, се прават сериозни кратења во делот на расходите а средствата се пренаменуваат за мерки за помош на граѓаните и компаниите.

Заштедата од 200 милиони евра ќе се искористи за засилена заштита на животниот стандард на граѓаните, особено на ранливите категории, понатаму, за финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите, но и за повеќе средства кон земјоделците со цел зголемено производство на храна.

Преку навремени и ефикасни мерки, се справуваме со последиците од глобалната економска криза, покажавме дека и во време на најголема светска економска криза, платите и пензиите можат да растат, трошоците да се намалуваат и стандардот на граѓаните да биде заштитен.

Очекуваме согласно роковите, ребалансот да се најде пред пратениците на матичната комисија, а потоа и на пленарна седница.

Ги повикуваме сите пратеници од сите пратенички групи да се вклучат конструктивно во носењето на овој ребаланс затоа што битно е помошта кон граѓаните да биде постојана.

Ова парламентарно мнозинство предводено од СДСМ досега покажало дека има слух за барањата од опозицијата и дека оние амандмани кои биле издржани и во насока на унапредување на стандардот на граѓаните ние сме ги прифаќале.

Очекуваме дека опозицијата наместо со блокади и кочења, ќе придонесе со аргументирана дебата и конструктивност при носењето на ребалансот.

Парламентарното мнозинство останува посветено на реализација на мерки и политики кои се во интерес на граѓаните и државата.