МАРИЧИЌ И БИТИЌИ НА СОСТАНОК СО СЕКТОРСКАТА РАБОТНА ГРУПА ЗА КОНКУРЕНТНОСТ И ИНОВАЦИИ

0
512

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, одржа координативен онлајн состанок со Секторска работна група за програмирање на Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА) во областа на конкурентност и иновациите за периодот 2021-2027 година.

Вицепремиерот за европски прашања и Национален ИПА координатор, Маричиќ, на состанокот ја потенцираше важноста приоритети и планирањето на проектите да бидат базирани врз главниот стратешки документ и на овој начин да се насочи донаторската координација во служба на националните приоритети, вклучително и процесот на интеграција во ЕУ во целина, акцентирајќи ја потребата од учеството на граѓанските организации на состаноците на Секторските работни групи.

– Мора да имаме координација во планирањето и одредувањето приоритети на стратешко ниво, со цел да обезбедиме комплементарност и синергија на помошта од донаторите и што е најважно да избегнеме дуплирање на помошта. За ова мора да ги имаме предвид реформите поврзани со интеграцијата во ЕУ, планирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, како сеопфатен национален стратешки и програмски документ за водење на процесот на европска интеграција, како и Националниот план за развој кој е во тек и Програмата за економски реформи, посочи вицепремиерот и Национален ИПА координатор, Маричиќ.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, рече дека имаат специфична задача, да дефинираат што е најважно за секторот за следните години и што ќе се финансира на среден период со најдобри ефекти, за што ги повика сите чинители од јавниот сектор, приватниот сектор, заедницата на граѓански организации, донаторската заедница и секако Европската комисија, да земат учество во градењето општествен консензус и да ги здружат напорите и ресурсите за заеднички да го постигнат најдоброто за нашата земја.

– Стратешкиот одговор на Северна Македонија за периодот 2021 – 2027 година за прозорецот 4 кој опфаќа конкурентност и инклузивен раст и поконкретно Тематскиот приоритет 2 кој се однесува на развојот на приватниот сектор, трговија, истражување и иновации утврдува три цели преку кои земјата треба да се подготви за европскиот внатрешен пазар, да се подобри регулаторната и институционалната рамка за деловно работење и инвестиции, да се зголеми конкурентноста на претпријатијата, да се зајакне извозот и диверзификацијата, интернационализацијата на економијата, а истовремено да се одговори на предизвиците на циркуларната економија/зелената економија, а се тоа преку зајакнато истражување, технолошки развој и иновации, истакна вицепремиерот Битиќи.

Битиќи на состанокот даде краток осврт и на процесот на изработка на Националниот развојна стратегија на земјата, документ од национално значење во кој се дефинирани сите предизвици со кои се соочува нашето општество, информирајќи дека овој документ ќе ги идентификува расположливите национални потенцијали и ресурси и ќе ги собере под еден чадор сите развојни планови за следните 20 години. И крајно, преку широк инклузивен процес ќе ни даде простор, за сите заедно, креираме визија за нашата држава во која сите ќе сакаме да живееме, додаде вицепремиерот Битиќи.