МАРИЧИЌ ЗА РАИ : ПОСЛЕ 17 ГОДИНИ ЧЕКАЊЕ МОРАМЕ ДА ГО ЗАОКРУЖИМЕ ЗАЕДНИЧКИОТ ПРОЕКТ СО ЕУ, ВО СПРОТИВНО КРЕДИБИЛНОСТА НА УНИЈАТА ЌЕ СЕ НАМАЛУВА

0
632

Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за италијански РАИ, говореше за предизвиците со кои се соочи земјата во текот на седумнаесет години, како кандидатка за членство во ЕУ, како и за сегашните состојби и регионалните иницијативи за соработка.

– Волја на нашиот народ е нашата земја да стане членка на ЕУ поради подобри можности, подобра економија, подобар систем, и се разбира суштинските вредности на демократиите – човековите права и слободи. Тоа е потребно за подобар живот и се разбира, за поголема посветеност на земјата кон развој и демократија во исто време, рече Маричиќ.

Во однос на кредибилноста на ЕУ во однос на политиката за проширување, Маричиќ посочи дека истата е намалена, после седумнаесет години чекање да се започнат преговорите, од многу причини.

– Затоа напорно работиме со Бугарија и со нашите европски партнери за да ги започнеме преговорите што е можно поскоро и да ја вратиме енергијата на овој процес , со цел да се финализира европскиот проект и всушност проектот за стабилност и просперитет на Балканот, додаде вицепремиерот Маричиќ.

Во интервјуто на прашањето за „Отворен Балкан“ вицепремиерот Маричиќ ја истакна важноста на регионалните иницијативи за напредок на земјите од Западен Балкан, посочувајќи дека е важно границите да се направат пофлексибилни, а со тоа и повеќе можности за граѓаните.

–  Ако покажеме дека можеме да соработуваме да ја надградуваме нашата соработка економски, прагматично, заснована на европските правила, тогаш ќе значи дека сме подобро подготвени да влеземе на едиствениот пазар на ЕУ и да функционираме во тој систем, рече вицепремиерот Маричиќ. Според него бројни се придобивките кои ги добија и кои ќе ги добијат граѓаните, и од таа причина е добро во „Отворен Балкан“ да се приклучат и Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.