Лидерите молчат за поканата на Ахмети – тркалезната маса на албанските партии под знак прашалник?

0
627

И по пет дена откако им била испратена поканата, четворицата претседатели на албанските партии сѐ уште не одговорија на поканата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за тркалезна маса.

Од ДУИ велат дека поканата била испратена на 7 август, а вчера интегративците ја обелоденија и за јавноста. Средбата е свикана за в четврток, 13 август, а партијата сѐ уште е во исчекување на одговорите на претседателите на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива, Африм Гаши, на Движењето Беса, Биљал Касами, и на ДПА, Мендух Тачи.

Лидерите и понатаму молчат. ТВ21 побара став од нивните кабинети, но никој не сакаше да ја прокоментира иницијативата на Ахмети.

Од Алијанса за Албанците не добиле никаков одговор. Од нивниот коалиционен партнер, Алтернатива, рекле дека „поканата им е испратена на претседателите и дека останува тие да одлучат за истата“.  Партнерот на СДСМ до коалицијата „Можеме“, Беса, вели дека со став ќе излезат утре.

Од првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, исто така не добиле одговор. Овојпат токму Тачи требаше да ја свика средбата, вели Ахмети, додавајќи дека со оглед на тоа што не преземал ваков чекор и по временскиот притисок кој го почувствувал и барањето на албанските партии, тој решил да ја преземе иницијативата и да организира средба. Ахмети, признава дека на средбата, свикана за задутре, од неговите политички опоненти ќе побара поддршка за првиот премиер Албанец.

„Тоа не е тајна. Јас мислам дека ова е ставено на маса…“, посочи Али Ахмети.

Првиот човек на СДСМ, пак, Зоран Заев, со кого во моментов Ахмети преговара за коалиција, рече дека тркалезната маса што ја предлага ДУИ ја гледа како порака и притисок врз него, додавајќи дека вакви средби можат да организираат и неалбански партии.

Ахмети вели дека тркалезната маса на албанските партии не треба да се гледа како закана или уцена во време на преговори за формирање на новата Влада.