Лешоски се огласи за критиките на Фејсбук : „Дарко, ќе ми изгориш! -Немат тато, ја су огнот“

0
2330

Поетот Дарко Лешоски кој беше назначен за претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата преку Фејсбук се огласи за коментарите во однос на неговото назначување. Неговиот Фејсбук статус ви го пренесуваме во продолжение:

Судијата: А која е всушност вашата професија?
Бродски: Поет. Поет-преведувач.
Судијата: Кој ве прогласил како поет? Кој ве признал како поет?
Бродски: Никој. А кој ме признал за човек?
Судијата: Сте учеле ли за тоа?
Бродски: За што?
Судијата: За тоа да бидете поет. Сте се обиделе ли да завршите соодветен факултет?
Бродски: Не мислев дека поет се станува со школување.
Судијата: Туку како?
Бродски: Мислам дека тоа потекнува од… (беспомошно)… од Бога.

Ова е извадок од судски записник кој некако успеала новинарката Фрида Видгорова да го објави од судењето на поетот Јосиф Бродски. По претходно издржаната затворска казна и упорните обиди „да го убијат во него Бога“ преку мачење малтретирање и тешка работа, на 4 јуни 1972 година, Бродски е протеран од тогашниот Советски сојуз. После неколку години тој веќе предава на Квинс, универзитетите Колумбија и Кембриџ. Има триесет и нешто. Во 1991 година Јосиф Бродски е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.Јас сум најверојатно „со сладолед на струја“ (италијанксите сладоледи кои се произведуваат во ростфрајните машини со повлекување на кремави рачки надолу) во едното раче и со едни зелени влечки кои многу ги сакав кога бев мал. Со раката на татко ми во другата рака некаде на кејот од Дрим. Поим немам кој е тој што чита. Имам седум. Ме интересира сладоледот. Татко ми има појма. Предава македонски јазик. Ама ако речам да си одиме „на стан“ ќе си одиме одма, ќе остави и нема да ги дослуша ни Бродски ни свети Бродски, па нека е тоа кој сака.

До станот одиме пешки. Струга е топла, асфалтот е топол ама не зема ами напротив , дава топлина и дава сила.

Роден сум на 4 јули 1984 со царски рез на неколку минути пред полоќ на неколку стотини метри од тој фамозен мост во Струга.

Мојава душа еве веќе три или четири дена спие под тој мост.
На неколку минути пред полноќ овиенеколку денови оди таму да преспива.
Кога ќе легнам оди таму и преспива.
Има бура.
Имам 16 години.

Татко ми ме испраќа на старата автобуска станица во Струга со „Југотранс“ во Скопје. Имам немир. Сакам да му покажам нешто.Не знам дали смеам. Некако и ми е срам, не сум сигурен АМА ГО ПРАВАМ ТОА. Тие неколку секунди има бура. Сепак, му подавам сребро од цигари дури седиме и го чекаме автобусот на клупата.

Што е ова? – вели.
Не знам, му велам со смеење. Ете види.
Чита на глас:
„Во мојата душа плива рипка,
Длабоко скриен дар,
Нешто што пече, нешто што штипка…
Рипка недогаснат жар.
Малечка, лесна…
Наеднаш таа во мене збесна:
“Јас не сум риба” – извика,
jас сум песна!“
Татко ми ги насолзи очите. Рече ова твое е ?
Мое е му реков со несигурност.
Ме гушна и ме стегаше.
Се качив.
Си мафнавме.

Кај Подмоље веќе гризев „Плазма“ и читав песна на Јовица Ивановски – тогаш во „Теа Модерна“.
Ми се свиѓа. Не знам што е, ама знам дека е модерно. Не знам дали е добро знам само дека прави слики.

Дека не е досадно. Дека не е низа на чудни, тешки зборови кои не допираат во мене ништо, ама апсолутно ништо.

Имам осумнаесет. Се запишувам на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Читам цело средно, не зашто морам ами зошто сакам. Лето е. Пиеме кафе во Лептокарија. Мислам дека е „Берлин“ не сум сигурен. Пиеме јас тато и Иван Џепароски. Татко ми му кажува дека пишувам, јас се срамам и се себепонижувам како знам и не знам. Се трудам да сменам тема на муабет. Иван се смее и вели дека треба да читам. Дека треба многу да читам. Првата книга која сум ја добил во животот е од него. Далечната 1986 „делукс џамбо“ издание на „Бушава Азбука“. Имам две години. Ја влечкам сегде со себе. Никој не знае зошто.

Имам дваесет или дваесет и една (не паметам) се распишува конкурс по повод патрониот празник на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ , треба да се напише есеј каде треба тематски да се обработи песната „Одземање на силата“ од Конески. Листот со пропозициите за конкурсот е залепен до кафематот, лево од влезот. Чекам ред за кафе со метални монети во раката. Песната ја знам. Вечерта кај три часот изутрина јас во „Word pad” на Windows 98 кој работи на процесор со 333 мегахерци на 3,5 инчен флопи диск снимам долга песна. Песна, не е есеј. Знам дека треба есеј. Ми е гајле. Во воведот пишувам дека на песна се враќа со песна, на леб со леб, а не со трошки. Ја снимам под шифра „Блажен Конески“. Испечатените копии во фотокопир – скриптарата од факултетот изутрината ги оставам онаму каде треба. Конкурсот поминува. Победува извесен есеј секако и најверојатно без сомнеж – оправдано, под извесна шифра, но во известувањето стои и дека покрај многуте одлични есеи има и поинакви автентични пристапи кон песната „Одземање на силата“.

Славам 29 години со неколку другари. Еден наш успешен писател срамежливо, присно и некако спонтано се наоѓа вечерта кај мене дома заедно со нас. Зборуваме за поезија и пиеме. Секој си кажува она што го допира. Конески не допира сите. Паѓа на муабет една од најубавите негови песни „Одземање на силата“, памети вели дека некогаш прочитал многу убава песна за таа песна. Се насмевам. Гледам во масата и го спуштам погледот и му цитирам два три стиха. Се сепнува. Ја кажувам шифрата. Станува и ме гушка ме стега.

Ѕвони на вратата полиција. Комшијата под мене не пријавил за бучава. Единаесет и триесет е. Двајцата полицајци се спремни уште од прагот со казната од четири стотини евра. Од врата им кажувам дека славам родеден само со неколкумина и дека нема ни музика, а не пак гласна и ги викам да влезат да се уверат. Не сакаат. Сакаат да пишат веднаш казна. Човекот станува и вели дека е возрасен човек кој не тропа, не се качува на маса и ги вика да влезат да се напијат ако сакаат сок, зошто знае дека алкохол не смеат или да си земат благо ако сакаат и да си одат. Едниот од нив влегува и седнува. Другиот го следи.

Им туривам сок во чашите. Ме прашуваат колку години полнам, им кажувам. Мојот пријател писател ги прашува колку земаат плата, а едниот гневно му возвраќа зошто прашуваш тоа не е твоја работа со полициска строгост и ефтин авторитет кој треба да предизвика тишина. Те прашувам како човек спроти човек, како работник спроти работник – за да знам дали можеш да си ја платиш таа казна од 400 евра која сакаш толку да ја напишеш му вели.

И дали воопшто си помислил дали ова момче може од некаде да ја плати таа казна која и за мене кој имам поголеми примања од тебе е многу висока.

Има бура.

Полицаецот молчи. Другиот ја прекинува брзо киселата тишина и вели дека ако сака може да направи многу добрина со тоа што ќе „подрече“ некоја негова братучеда да положи тој и тој предмет кај таа и таа професорка. Стануваат да си одат им се насмевам дури ги испраќам и се мачам да не повратам.

Есента излегува од печат мојата прва и за многумина долго очекувана, за мене долго одложувана книга од издавачката куќа „Табернакул“ која најретко објавувала поезија или ако го правела тоа тоа, никогаш не бил било кој.

Има бура.

Чувстувам страв. Од убаво чувствувам јас страв. Многу луѓе почнуваат да ме сакаат. Ми велат дека сум поет. Јас не се гледам така. Велат дека ги допира тоа. Дека тоа што го пишувам ги допира.

Има бура. Навечер кога заспивам страшно шкрипам со забите.

Има убави денови. Има лоши денови. Во некои од нив пред да легнам навечер чувствувам грижа на совест зошто многу не пишувам. Немам време за многу да пишувам – живеам. Работам за да живеам.

Читам. Навечер пред да заспијам морам барем една песна да прочитам, песни од други кои мене пак ме допираат.

Неколку пати во месецот јас слушам или читам за луѓе со кои никогаш не сум разменил ни поглед во живо ни два збора како зборуваат дека во одредена прилика ме сретнале и ми кажале тоа и тоа.

Молчам.

Гледам луѓе кои секоја прилика во живо да ми кажат колку ме сакаат и колку мојата „поезија“ живот и спасила одеднаш во секоја можна прилика и дискусија го користат моето презиме за да споменат дека ме надраснале и дека сега веќе читаат само врвна поезија и писатели.

Молчам. Има бура. Газам во сонот по лазурот од езерото скриено внатре во мојата душа, езерото од мојата лична среќа, ама не сакам ни да влезам во него да си се успокојам и да си се крстам.

Не смеам.

Со години живеам со „поздрави“ од некои и нешто чии мајки или татковци се некој и нешто, а тие без нив се ништо. Се вадат од контектс мои колумни или статуси. Не се кажува поводот, се молчи причината зошто било така. Дека сум ништо. Молчам.

Ми се случувале убави работи – работи кои секој млад човек може, смее и треба да ги посакува – ги кријам. Да не знае никој освен оние кои ми се блиски – да не знае никој, молчам.

Морам, ми е мака пак да сум нечија болка.

Ми е жал и за мене и за нив. Не е лесно да знаеш што е убаво, а да не можеш да го создадеш. Кријам убави работи.

Мразам друштвенца. Мразам кланови. Мразам чопор. Мразам тапшања по рамо.

Не сакам нит планирам да барам нит извинување за сите невистини, информации извадени од контекст и без дозвола, избрзани реакции. Најмалку пак имам намера да се објаснувам или да им се правдам на некои кои затскривајќи се преку институцијата „Струшки вечери на поезијата“ и нејзината монументалност и сериозност неуспешно и со години го влечкаат комплексот: Сакам да бидам Дарко Лешоски!

Таквите дури и да седат до мене на пуст остров – никогаш нема да ме најдат.

Магистерсткиот труд кој го носам во себе во главата и ме чека во еден фајл на мојот компјутер за двојството во книжевноста компаративно проследено од Стариот Завет преку Јаков-Израил и борбата со Бога, па се до „Боречки клуб“ на Чак Паланик – ќе почека подобри и поспокојни времиња. Сум го немал тој луксуз да имам време да пишувам есеи за оние поети кои ги сакам и ми значат. Сум морал да работам и да преживувам. Сум го немал тој луксуз да можам да приредувам книжевна антологија на преку 30 млади македонски поети и писатели родени во декадата од 1980 до 1990 и таму сам да завземам да си дадам централно место.

Едноставно ни општина Илинден, ни Министерство за култура не ми дале можност или пари тоа да го правам и да бидам. А богами ниту тенденциозно некого да изоставам. Не сум бил нечиј син да можам да си приуштам и да си купам нечие присуство или критика . До овој ден не сум конкурирал за ниеден повик на Министрството за култура за било каква поддршка – едноставно ми било лицемерно да чекорам да по улиците на градот, а штом се вратам дома да праќам апликација за некој повик или конкурс каде некој ќе ми го прочита презимето и ќе ми го стутка во канта – затоа што сум бил најгласен на улица кога многумина калкулирале или лукаво „ чекале да видат како ќе одат работите“ . Сум ги поддржувал несебично сите оние кои мислеле дека имаат право да конкурираат кај оние против кои се борат – на крајот на краиштата тоа се даночни пари на сите и секој кој има квалитет има право на нив. Сум имал секогаш разбирање за генералите после војна. Сум имал разбирање за нивната лукавост. Сум имал секогаш разбирање за оние кои никогаш немале верба ни во квалитетите на еден Радован Павловски кога бил млад , ама затоа сега знаат со полна уста да кажат дека тие помогнале да се воздигне и да блесне тој принц на метафората тогаш. Сум имал разбирање и за нивната тишина кога на некои други покојни поети, писатели, колеги нивни, неправедно и физички и душевно им ја кинеле сенката.

Сум имал разбирање и за оние кои треба да ти се качат на глава за да се поткренат самите до сонцето поблиску така. Има бура.

Струшките вечери на поезијата се едно најубавите нешта кои ги има Македонија.

За оние кои го знаат нивното значење, нивниот некогашен сјај и нивната светска порака тие се човек кој со години одел надолу. Човек кој ете се запоставил, не се грижи веќе за себе. Човек кој ете се оддал да оди надолу и подолу од дното, како што вели Кундера човекот некогаш е опиен од дното и има потреба да оди дури до најдолу, дури пониско од дното за да си ја види вредноста, за да им покаже на другите дека е човек, кој вреди. Дека е душа.

Моите извици кон она што стануваа Струшките вечери на поезијата низ годините се извик од дете кон запоставен татко: „Види се на што личиш! Види што станува од тебе! Ти ова ли сакаш да стане од тебе?“ .

Може ли да ги сакате Струшките вечери на поезијата и Струга мои драги млади, па и постари колеги кои не сте од Струга повеќе од мене кој сум роден таму и едни од најубавите спомени ми се токму од бекатонските квадрати.

Од „сладоледот на струја“ и малите зелени влечкиња преку првите пубертетски љубови, па до ден денешен. Да, пред да го сменат мермерот, беа некогаш сиви топли бекатонски квадрати на кои беа распослани дотерани стружани, стружанки, охриѓани, охриѓанки и нивни деца облечени во најново со фризури, со кикици, со панделки…

Струшките вечери на поезијата беа струшки Велигден. Велигден на градот.

Може ли да ве радува кога гледате дека секоја година има се помалку луѓе, а не знаете зошто? Или знаете ама ете не е страшно. Или така можеби со години некому му одговара? Струшките вечери на поезијата не се друштво, не се организација, тие биле и ќе бидат КОСМОПОЛИТСКОТО, МОДЕРНО И УБАВО ЛИЦЕ НА МАКЕДОНИЈА. Светот кој Струга ја допира и Струга која светот го допира.

Тие се и неизлеан паметник на крајот (заедно со охридскиот крај, на дримколскиот крај, кога бев мал секогаш ми звучеше егзотично и симболично тоа Dreamcall) кој и буквално статистички најверојатно дал најголем дел од македонскиот поети, писатели, раскажувачи, есеисти, критичари…Да не набројувам.

Знам дека е тешко и ќе е тешко. Ама многу работи ги правиме не зошто се лесни ами напротив.

Знам да ги слушам оние кои знаат повеќе од мене за нештата, ама не знам да се покорувам по секоја цена и да кимам со главата за мое лично добро.

Знам да носам товар.

Јас сум млад навистина, ама не сум ни многу духовно млад.

Давам се од себе и да останам млад.

Знам да клекнам и да се поклонам пред „убаво“ без разлика кој и да го напишал или рекол.

Знам да се поклонам пред дар.

Знам да бидам човек и се трудам да бидам човек, па така овие Струшки вечери на поезијата не планирам да се мешам „на два дена пред свадбата“ и би бил среќен доколку видам повесели лица, повеќе луѓе и повеќе „празник низ градот“.

Искрено им благодарам како човек на покажаното јавно достоинство на досегашното раководство.

Веќе од наредниот јас ќе се трудам и ќе давам се од себе. Ќе ми значат мислењата и ќе ги барам прво од оние кои не веруваат ни грам во мене, а и од оние кои први ми честитаа и ми се израдуваа.

Мојата одлука на крајот ќе ме дели од моите срмени елеци и од моите длабоки ендеци.

И за крај, во тек е формирање на една поголема асоцијација на балканска култура со седиште во Париз, Франција. Асоцијација на балкански писатели, сценаристи , поети, актери, режисери… кои би можеле достојно да ја престават нашата култура во Европа, но пред се во Франција. Многу е веројатно уште на почеток на идната година, како место за презентација своите врати да ги отвори и големата „Сорбона“ која веќе го поддржува формирањето на оваа асоцијација, па токму таму па да бидат претставени нашите величини. Побараа од мене да ја раширам и да предложам на кој сметам дека треба да предложам.

Мојата маленкост ги охрабрува сите оние македонски поети, писатели и други горенаведени уметници кои беа најмногу против мојата сегашна улога да се пријават да членуваат во истата кога ќе дојде време. Јас ќе им дадам потребни насоки и контакт. Ќе апелирам и ќе се трудам се расправам и со институции и со министри и со кого треба за финансии и „за пат“ ако треба достојно да не претстават во Европа и на „Сорбона“. Ама тоа нема да биде заради нив, нема да биде заради мене, кога ќе направам тоа ќе се осигурам да носат малечка златна значка со SPE Macedonia на реверот од сакоата кога ќе го префрлат прагот на „Сорбона“ и да кажат дека доаѓаат од земјата која негува најголема почит поезијата. Во светот. Во светот.

Синоќа гледав интервју од пред пет месеци на овогодинешниот добитник на Златен Венец на Струшките вечери на поезијата, Чарлс Симиќ каде споменува дека никој повеќе не замара толку со поезијата. Ви благодарам од се срце на сите индивидуи и медиуми кои на недела пред неговиот дочек го покажавте спротивното.

Да живее поетска Струга!

Искрено ваш,

Дарко Лешоски.

П.С: Ви благодарам на сите што сте покрај мене овие неколку денови.

Ве гушкам, а најмногу сакам да го гушнам татко ми, иако ми е срам овие два дена.

За кога ќе ми шепне со страв: Дарко ќе ми изгориш!

Да му кажам: -Немат тато, ја су огнот!