ЛДП: На 11 декември да има предвремени избори за градоначалник на Битола

0
1158

На 11 декември, заедно со предвремените параламентарни избори, да се одржат и предвремени избори за градоначалник на Општина Битола, побараа денеска битолските либерaл-демократи.

Според советникот Валентин Груевски, Битола не функционира нормално по притворањето на градоначалникот Талески. Тој е во притвор веќе трет месец и никој не знае до кога ќе трае тоа. Затоа Груевски смета дека Талески треба да си поднесе неотповиклива оставка, а изборите за нов градоначалник да бидат на 11 декември, заедно со парламентарните избори.

– На почетокот на школската година, нема кој да распише тендер за превоз на ученици, општинската каса тешко се полни, расходите се на очајно ниско ниво, директорите на училиштата се со завршен мандат. Во битолскиот разгранок на ВМРО-ДПМНЕ се целосно свесни дека оваа ситуација, со потпишување на документи од дома, не е повеќе одржлива, но заглавени во сопствените игри не сакаат да ја прифатат реалноста – вели Груевски.

Според либерал-демократите од Битола, Владимир Талески е еден од ретките политичари кој беше спомнат во „бомбите“, а сè уште не си поднел оставка.

– Заминаа Груевски, Мијалков, Ставрески, Јанкулоска, Јанакиески, а тој упорно ја држи Битола во заложништво – вели Груевски.