ЛДП НА МИЛЕВСКИ И ДОМ НА МОРАЧАНИН СЕ ЗДРУЖИЈА И ЌЕ СЕ ОБИДАТ ДА НАПРАВАТ ПРОБИВ МЕЃУ ДВАТА ПОЛИТИЧКИ МАСТОДОНТИ, СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ

0
1293

ЛДП е матичната партија на голем број членови на ДОМ. Тие заедно со нивната поранешна претседателка Лилјана Поповска, незадоволни од статусот и политиките на тогашното раководство на ЛДП кое беше во коалиција со СДСМ, во 2005. решија да се повлечат од партијата и да ја формираат Демократска обнова на Македонија (ДОМ). Сега се повторно здружени, како што велат, за на локалните избори граѓаните да имаат вистинска алтернатива и да не бираат само меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Излези од маглата. Приклучи се. Направи промена“ – со ваква порака коалициските партнери од власта ЛДП и ДОМ вечерва го промовираа своето здружување. Се претставија како граѓанско движење на центарот кое заеднички ќе настапи на претстојните локални избори за, како што велат, да дадат алтернатива на македонската политичка сцена.

Покрај претседателите на двете партии, Маја Морачанин и Горан Милевски, на промоцијата на ова движење се обратија и познатиот микробиолог, Никола Пановски, универзитетскиот професор, Владимир Петрушевски, и активистката за животна средина, Теодора Крстевска.

Пановски рече дека решил да биде дел од ова друштво затоа што во него се чувствува слободен, никој ниту вршел притисок ниту му кажал што да зборува.

„Знам дека многу од вас ќе речат, еве сега овој ќе си ја продаде популарноста за партиски интереси. Не. Ако сакав да профитирам ќе прифатев или ќе се понудев на една од двете големи партии и ќе гребев со сила да одиме заедно со СДСМ на избори и јас да бидам еден од кандидатите за градоначалник. Ни на крај од паметот не ми беше тоа да го направам. Македонија е поделена земја по сите основи. СДСМ и ДПМНЕ се мразат од дното на душата, нема дијалог, нема аргументи, се гази вистината, се води света војна против крвниот непријател чија цел божем е единствено да си ја продаде земјата, па овие другите биле тие што, да не постоеле таа ќе беше отидена. И тоа се продава веќе 30 години. Интелектуалците и таканаречените експерти во двете партии не може да се препознаат, стручната мисла е преклопена од политиката. На пример, за рестриктивните мерки експертите во Комисијата и Владата се во 99,9 проценти истомисленици, што е нонсенс. Интересите никогаш не може да им бидат исти, едните се здравствени, други се економски, а овде се поклопуваат потполно“, зборуваше Пановски.

Тој нагласи дека не е стручен да зборува за локални политики, но дека живее еколошки, а најголем дел од својот говор го посвети на здравството. Дисциплинирањето на лекарите и раководењето на здравствените установи под политички диктат, според Пановски довел до страшен молк на интелектуалците и до невиден егзодус на квалитетни кадри од јавното здравство.

„Затоа ќе се приклучам и ќе ја искористиме мојата популарност, под ризик и да ја потрошиме истата, со цел да му дадеме на народот можност да избира, да гласа ’за‘, а не да гласа ’против‘. Да види дека постојат и политики и партии и движења кои промовираат чиста и слободна мисла, кои почитуваат стручност, храброст и одговорност. Лица со чист образ и интегритет, на кои стручноста и чесноста им е белег кој го носат со себе, оние кои ќе го чуваат градот од разни натрапници, профитери, послушници, марионети и вечни аминџии. Без ослободување на стручната мисла нема успех во ниту една сфера“, порача Пановски.

Владимир Петрушевски, кој беше претставен како поранешен проректор на УКИМ во неколку наврати и бивш советник во Општина Центар кој гласал против сите штетни урбанистички планови, пак, во обраќањето порача дека сега е моментот кога политичкиот центар има шанса.

„Не треба веќе да им се дава доверба на луѓе што повеќекратно не измамиле. Ние сме оделе на избори и сами и во друштво со постари партнери, кога сме оделе сами не сме поминале сами, кога сме оделе со постари партнери, пак, не сме поминале славно затоа што постариот партнер се наметнувал како постар и посилен. Сега веќе имаме некоја шанса затоа што се обединуваме во некакво гласачко тело на политичкиот центар, на граѓанството во Македонија“,рече Петрушевски.

Лидерите Морачанин и Милевски се обратија последни и кажаа дека одлучиле да се здружат за да им дадат шанса на граѓаните да изберат алтернатива. Посочуваат дека се отвориле кон граѓанскиот центар, интелектуалците, младите, кон оние кои не сакаат да се вработуваат со партиска книшка.

„Нашата лична одговорност и обврска како ЛДП и ДОМ е да понудиме луѓе со авторитет, кои нема да робуваат на партиите, луѓе кои имаат став и не се плашат да се борат за своите убедувања и принципи. Луѓе кои ќе ги чуваат нашите градови и села. Затоа ве повикуваме да ни се приклучите, да излеземе од маглата и да ги направиме промените. Преку законски измени кои ги правиме во Министерството за локална самоуправа ќе овозможиме во 2022 општините да располагаат со повеќе средства и да имаат поголеми ингеренции. Останува да избереме вистински луѓе кои ќе ги искористат овие промени … Сигурен сум дека во иднина ќе ни се придружат активисти, политички партии, непартиски членови, борци против урбаната мафија …“, порача Милевски.

Морачанин рече дека иницијативата да се здружат произлегла спонтано, а се погодиле затоа што и двете се прогресивни партии кои делат заеднички вредноста. Таа порача дека идните градоначалници и советници треба да бидат луѓе со интегритет кои ќе го остварат тоа што го ветуваат.

„Зелениот бран одамна дојде во Европа, но доаѓа и во Македонија. Не само што носи нова надеж, надеж за промени, за квалитетен, здрав и хуман живот, за заштита на животната средина и климата, тој носи и фондови кои треба да се искористат за оваа намена. Затоа ни се потребни сите капацитети да ги искористиме. Да си овозможиме квалитетен и здрав живот во своите градови и села, притоа обезбедувајќи економска благосостојба … Сите кои сакате да придонесете за поквалитетен и поздрав живот, за слобода на јавното изјаснување на секого, за придонес на општините каде живееме, да се приклучите кон ова движење. Заедно можеме да ги направиме овие промени“, повика Морачанин.

Инаку, токму докторот Пановски изминатиот период во јавноста беше споменуван како евентуален кандидат за градоначалник, но откако се појавија шпекулациите тој во изјави за медиумите демантираше дека има амбиции да се кандидира за прв човек на Скопје.

ДОМ е партија која ја формираше Лилјана Поповска. Таа незадоволна од сопствениот статус и политиките на тогашното раководство на ЛДП кое беше во коалиција со СДСМ, во 2005. реши да ја напушти матичната партија и беше иницијатор на формирањето на ДОМ.