КУРТИ ЗА З60 СТЕПЕНИ : СРБИЈА САКА КАФЕ БЕЗ ФИЛЏАН

0
325

Косовскиот премиер Албин Курти во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ порача дека не ја негира Заедница на српски општини (ЗСО), која е едно од клучните барања на Белград во преговорите со Приштина, но порача дека Србија не може да ја бара во ситуација кога секојдневно повторува дека никогаш нема да ја признае независноста на Косово.За устaвноста на договорот за ЗСО, тој го потенцира тоа што Уставниот суд на Косово утврди дека 23 члена не се во согласност со Уставот на неговата земја.

„Не 2-3 члена туку 23 члена не се совпаднале со него додека првите 6 точки од 15 се за Заедницата, следните точки се за интеграција на паралелните структури на Србија во институциите на државниот систем на Косово, што имаше истакнат регрес од 5 ноември минатата година па наваму кога Белград им даде наредба за колективни оставки на четири градоначалници на север, десет пратеници на Српската листа во парламентот и над 400 полицајци во четири северни општини“вели Курти.
Тој нагласува и уште една, според него, важна точка која предвидува дека Косово и Србија нема да се попречуваат меѓу себе во евроинтеграциите, за што Курти го обвинува Вучиќ за непочитување.

„Што направи српскиот претседател лани, на 10 декември, иронично, на Меѓународниот ден на човекови права – испрати писма до пет држави што не ја признале државата – Шпанија, Словачка, Грција, Романија и Кипар да не ја прифатат службената апликација на Косово за членство во ЕУ, што јас ја испратив пет дена подоцна, на 15 декември во Прага, бидејќи Чешката Република претседаваше со Советот на ЕУ. Значи, најпосакуваниот договор за нив за кој инсистираат насекаде, од една страна не помина пред Уставниот суд на Косово како тест, а од друга страна, самите го прекршија“ вели Курти.

Заедницата на српски општини, нагласи тој подолу во интервјуто, не може да биде против уставноста и против законитоста на Косово, како и моноетничка.На констатацијата дека посредникот Мирослав Лајчак понудил модалитети на оваа тема и на прашањето кое би било можното решение што не би се косело со Уставот на Косово, Курти вели дека е подготвен да разговара за моделот.

„Вистина е. И посредникот Лајчак се трудеше да биде креативен, затоа понуди 15 различни модели на правата на малцинствата или немнозинските заедници во земјите на европскиот континент и, се разбира, дека тие се вредни, во смисла дека не поттикнуваат да размислуваме за нови идеи и за стабилни решенија. Освен што сум спремен, јас сум многу заинтересиран да се ангажирам активно да дискутираме за овие модели кои, на некој начин, целат да го направат поконкретно тоа што го имаме во член 7 од основниот договор, кој се вика ’самоменаџирање на српската заедница во Косово‘. Ова е фразата или називот што се користи, зошто да не, да дискутираме“вели Курти.

Тој истакна и дека Србија треба да ги повлече писмата што ги испратил Вучиќ до петте држави за спречување на евроинтеграцијата на Косово и порача дека не може Белград да бара ЗСО додека, од друга страна, не ја признава независноста на државата каде го бара тоа.