КРИМОС СО ТАПИЈА – ПРЕД ДА ИЗБЕГА, СО ГРУЕВСКИ ПОТПИШАВМЕ ДОГОВОР ЗА ЗАКУП ЗА ДВА СТАНА НА БИХАЌКА ШТО ГИ ПОСЕДУВАМ САМО НА ИМОТЕН ЛИСТ, А СЕ НЕГОВИ, ТВРДИ СЕКРЕТАРКАТА НА АЛЕК ТЕРАНОВА НА „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО”

0
1077

Татјана Стојановска, сведок на обвинителката Лиле Стефанова во предметот „Плацеви на Груевски”, сведочеше денеска како фиктивно купила два стана на Бихаќка во 2008 и 2009 година, а ги поседувал Никола Груевски. Во 2018 година, пред тој да избега од Македонија, потпишал договор за закуп на двата стана на 5 години, без надомест.

Овие два стана, плацот на Водно од 11.000 метри квадратни што исто така го купил под друго име, како и тој во Крушево за куќата и видиковецот што сакал да ги гради, како и друг имот, се замрзнати додека трае судскиот процес, во кој поранешниот премиер е обвинет дека ги купил со перење пари од членарините во ВМРО-ДПМНЕ.

Во периодот од 2008 до 2012 година, Стојановска била вработена во фирма „Имка Инженеринг”.

На прашање на Стефанова одговори дека била вработена како технички секретар, со плата од 25 илјади денари.

На прашање на Стефанова, сведокот одговори дека освен нејзиниот на „Трета македонска бригада”, на нејзино име се води и стан на Бихаќка, но само по имотен лист.

„Кога беше запишан на ваше име?“, праша обвинителката.

„Па мислам во 2008-2009 година. Директорот Александар Ивановски (Алек Теранова, н.з.) ми објасни дека треба да се купи таму стан и така се случи“, одговори сведокот.

„Ви кажа ли кој ќе го купува, за колку пари, кој ќе го користи?“, праша Стефаноца.

„Да, ми кажа да се купи стан за премиерот Никола Груевски, за да не дојдат некои непознати комшии. Требаше само да фигурирам и така направивме“, одговори Стојановска.

„Кој ви даде пари?“, праша Стефанова.

„Јас отидов во агенцијата за недвижнини ‘Асторија’. Дојде човек откај Никола Груевски. Дојде тој, потпишавме и толку“, кажа секретарката.

„Но, кој ви даде пари за да извршите уплата за станот?“, праша обвинителката.

„Парите веќе беа во ‘Асторија’. Јас кога се вратив Ивановски само ми даде налог да го уплатам“, кажа Стојановска.

„Дали дадовте ваши средства за овој стан?“, праша Стефанова.

„Не“, кусо одговори сведокот, додавајќи дека ниту ѝ дале клучеви, ниту некогаш влегла во станот и поради тоа не знае ни како изгледа станот.

„Дали сте сопственик или управител на правно лице?“, праша Стефанова.

„Да, управител сум и на ИТК Инженеринг“, одговори сведокот и кажа дека била основана 2008-2009 година поради некој тендер.

„Беше купено нешто?“, праша обвинителката.

„Да, градежно земјиште на Водно“, одговори сведокот.

„Дали освен ова земјиште има и друго нешто запишано на име на фирмата?“, потпраша Стефанова.

„Да, уште еден стан на Бихаќка“, одговори Стојановска.

„Парите откај беа обезбедени?“, праша обвинителката.

„Од страна на Ивановски, преку позајмици од вработени кај нас во фирма“, одговори сведокот.

„Кога го купивте вториот стан, дали беше во истата зграда на тој што претходно вие го купивте?“, праша Стефанова.

„Да, на истата адреса беа, еден до друг“, одговори секретарката.

„Знаевте ли за кого беше купен овој стан?“, праша обвинителката.

„Беше купен од постара брачна двојка, беше исто така за Груевски. Немам клуч и никогаш не сум била ни во овој стан“, одговори сведокот.

„Дали за становите биле дадени договори за да ги потпишете?“, праша Стефанова.

„Имам договори, нотарски акти дека ги поседувам“, одговори сведокот.

„Дали некој ви донесе да потпишете договор за закуп?“, праша обвинителката.

„Да, пред бегството на Никола Груевски, ми донесе Александар Ивановски договори за закуп потпишани од Груевски за да ги потпишам и да ги врати. Тоа бил единствен пат да потпише. Според договорот, тој не требаше да плати надомест, место тоа, да инвестира во нив наредните пет години“, одговори сведокот.

„Дали двата стана на Бихаќка, односно на Павел Шатев, се ваши, или не се?“, праша Стефанова.

„Не се мои, на трето лице се. На имотен лист се мои, но ги поседува Никола Груевски“, одговори сведокот.

На вкрстени прашања од адвокатот на Груевски, сведокот потврди дека него никогаш ниту го видела, ниту телефонски зборела со него.

На прашање на судијата Илија Трпков, сведокот одговори дека ни фирмата „ИТК Инженеринг“, ни некои други фирми на сопственикот Александар Ивановски, некогаш ги користеле градежното земјиште или становите на Бихаќка, кои се на нејзино и на име на фирмата.

„Никогаш ниту јас, ниту ‘ИТК Инженеринг’ не сме ги користеле ни становите, ни земјиштето“, кажа таа.

Потоа, сведокот Илија Гечев, сопственик од „ИГМ Трејд“ од Кавадарци, сведочеше дека министерот за транспорт Миле Јанакиески му понудил земјиште, плац на Водно од 1.200 метри квадратни.

„Се видов со Ерол Хасан од Транспорт и врски, ми кажа за плацот, кој бил над куќата на Вилма Трајковска. Разговорот заврши не се видовме повеќе. Милион и двесте или милион и триста илјади евра беше плацот“, рече тој.

Стефанова преку овој сведок докажува како блиските луѓе на Груевски, пред да дојдат до обвинетите Орце и Ратка Камчева, барале фиктивни купувачи и на плацевите од 11 илјади квадрати.

Претходно сведочеше Бисерка Јовковска-Ќаева, чиј стан, според обвинението, го купил обвинетиот Никола Груевски на улицата „Бихаќка” под туѓо име, кога во јавноста кажуваше дека живее во еден стан на мајка му.

Овој стан пред да го купи Груевски преку Стојановска, според обвинението, бил на сведокот Јовковска-Ќаева и на нејзиниот сопруг, но не живееле во него постојано. Бил до станот на семејството на тогашниот премиер Груевски.

„Кој живееше до станот до вашиот, а кој бил поголем?“, праша обвинителката.

„Тогашниот премиер Никола Груевски“, одговори сведокот.

„Дали живеевте во тој стан?“, праша обвинителката.
„Ние го купивме за девојчето, која беше студент. Таа живееше кај нас. Но, со момчето, со друштво, одеа таму“, одговори сведокот.

„Кога го продадовте станот и зошто?“, праша обвинителката.

„Станот беше отплатен. Но, таму беше Груевски. Имаше обезбедување, ние постојано бевме легитимирани, наши пријатели, гости. Го продадовме, купивме поголем“, одговори сведокот.

„Му го понудивте ли на Груевски?“, праша обвинителката.

„Да, нему и на другите соседи“, одговори сведокот.

„На кој начин го продадовте и кој го купи?“, праша обвинителката.

„Го продадовме на премиерот, но не се видовме со него. Преку негови луѓе, со кои отидовме потоа на нотар. Лично не се видов со него, туку со негови блиски луѓе“, одговори сведокот.

„Дали на нотар се сретнавте со лицето Никола Груевски или со друго лице кое во негово име го потпишал купопродажниот договор?“, праша обвинителката.

„Јас него пред нотарот кај Ристиќева Палата, не го видов“, одговори сведокот.

На вкрстени прашања од адвокатот на избеганиот Груевски по службена должност, сведокот одговори дека не го видела Груевски воопшто, имало луѓе што ги овластил во негово име да потпишат.

„Дали купувачот е правно лице?“, праша адвокатот.

„Има во договорот кој го купил, кај обвинителката е“, заврши сведокот поранешна сосетка на Груевски, Јовковска-Ќаева

Судењето продолжува на 17 декември.