КРИМИНАЛ НА БЕЛИТЕ ЈАКИ И ФОРЕНЗИЧКАТА РЕВИЗИЈА-ГРАДОНАЧАЛНИК !

0
3140

Изразот “криминал на белите јаки“ Градоначалник за прв пат е употребен од страна на Sutherland. Видиш тој Sutherland, криминалот на “белите јаки“ го опишува како криминал кој најчесто се изразува во облик на лажно финансиско известување, манипулација на бeрзата на стока, подмитување во работата, подмитување на лицата задолжени за располагање со јавните средства директно или индиректно со намера за стекнување на поволни договори и законодавства, лажно известување во приликата на рекламирање и трговските способности, вршење на проневери и ненаменска употреба на средства, испорака на фалшива роба, затајување на данок и ненаменска употреба на средствата .
Можеби ќе ти звучи познато Градоначалник, но сторителите на криминални активности, своите незаконски стекнати парични средства, потребно е да ги вметнат во легалните парични текови, да го прикријат нивното вистинско потекло, за да можат потоа слободно да располагаат со тие средства „Патот на парите„ го викаат тоа. Незнам точно колку начини си практикувал за перење на веш, но постојат многубројни начини на перење на пари кои што се стекнати по пат на корупција, присвојување на средства или лажно финансиско известување, или злоупотреба на положбата и овластувањата со цел стекнување на противправна имотна корист. Перење пари, фалсификување на службена исправа, проневера, измама во службата, примање мито, давање мито, и сл.кривични дела, Градоначалник, се лепат на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување и злосторничкото здружување и тие спаѓаат во редот на класични облици на организиран односно економски криминал.

Видиш Градоначалник, како сторители на делава погоре се јавуват лица од повисоките општествени слоеви, кои во времето на извршување на кривичното дело се наоѓале на одредена општествена позиција и имале определени овластувања, еве како на пример Градоначалник. Злоупотребата на службената положба и овластување е доста застапено кривично дело, меѓутоа најголем замав зема во сферата на јавните набавки. Јавните набавки се мета на најразлични злоупотреби од страна на многу лица кои се инволвирани во набавките и претставуваат сфера каде што многу лесно се врши извлекување на државни пари и нивно прелевање во приватни џебови.

Набавките потребно е да се спроведуваат во согласност со Законот за јавни набавки, знаеш нели?. Така то Градоначалник при спроведувањето на јавните набавки во предвид требаше да ги имаш следните принципи т.е начела, јавност на набавките, економичност, рационалност, функционалност и ефикасност во користењето на средствата, јавност и сигурност во постапките при изборот на носителот на набавката, слобода на пазарот и претприемаштвото, еднаква положба на сите субјекти на пазарот, спречување на монополската положба и квалитет и транспарентност во процесот на набавките .

Видиш Градоначалник Криминалот во областа на јавните набавки се манифестира низ неколку појавни облици како на пример нераспишување тендер за набавки со износ предвиден со закон (цепкани набавки, Непочитување на изборот на комисијата за најповолен понудувач, непредвидување во тендерската документација, документација за бонитетот на претпријатијата кои можат да учествуваат на тендерот, склучување договори без рок на испорака или рок за завршување на работите по тендерот, неизвршена контрола на изведените работи пред исплатата на средствата, фалсификување или уништување на документација, внесување на невистинити податоци во документацијата – фактури за наплата и други работи. Само полека, немој да брзаш во враќање на филмот на сите јавни набавки кои поминале низ Општина, затоа што ќе се вознемириш.

Видиш, Градоначалник, да се потсетиме дека после добро завршена постапка за јавна набавка следува процесот на „Перење пари„, тоа Градоначалник е процес преку кој добивките за кои основано се верува дека потекнуваат од криминална активност се транспортираат, трансферираат, трансформираат, конвертираат или се вградуваат во легалните финансиски текови, со цел да се прикрие нивното потекло, изворот, движењето или сопственоста, да се овозможи овие средства да се појават како легални, а лицата вклучени во криминалните активности да ги избегнат легалните последици од таквото дејствие. Незнам дали ќе те разочарам ама ако добро не те посоветувале и ако ги немаш правилно практикувано фазите и техниките на перење пари, еве јас ќе ти ги отворам очите дека перењето пари не е поединечна активност, туку сложен процес кој што се состои од три фази кои што меѓусебно можат да се испреплетат. Тие фази Градоначалник се Фаза на пласирање (сместување) на средствата, Фаза на движење на средствата (прикривање, наслојување) и Фаза на инвестирање на средствата (интеграција).
Фазава на пласирање (сместување) Градоначалник, е фаза во која готовите парични средства кои што непосредно потекнуваат од криминална активност за прв пат се внесуваат во легалниот финансиски систем. Доколку криминалецот се одлучи “валканите“ пари да ги внеси во некоја легална финансиска институција тогаш тој настојува да избегне привлекување на внимание. Тоа може да се направи со распарчување на една голема сума на пари во неколку помали и помалку сумнителни суми кои или се вложуваат во банка или се купуваат монетарни средства, кои потоа се собираат и вложуваат на сметки на друго место. “Целта на перачите на пари во оваа фаза Градоначалник е без трага да се пренесат незаконските средства и тоа најчесто во Финансискиот систем, Домашната економија и Меѓународни засолништа (шверцување, префрлање во странски банки итн.).
Фазава на движење на средствата (прикривање, наслојување), Градоначалник следува после првата фаза т.е откако финансиските средства влегле во финансискиот систем и таа претставува фаза во која што се вршат голем број на конверзии на средствата за да на тој начин се прикрие врската меѓу средствата и криминалните активности од кои потекнуваат тие средства. Колку е поголемо движењето на парите, толку криминалците се позаштитени, од една страна, додека пак од друга страна, се отежнува работата на секој кој што ќе го истражува потеклото на парите.
Фаза на инвестирање на средствата (интеграција) Градоначалник претставува фаза на внесување на средствата во легалните текови и со нив се располага како и со останатите законски стекнати средства.
Гледаш ли Градоначалник дека перењето пари претставува сложен процес и кај него можат да се забележат поедноставни и покомплексни шеми за перење пари.
А сега Градоначалник тебе и на поедини членови на твоето потесно и пошироко семејство Ви посакувам успех во планираниот пат за Австралија и се надевам дека Ви помогнав за поуспешно планирање на домашниот буџет.
А, ќе заборавев да ти напоменам. Шемиве за перење на пари се веќе пробиени, а нови нема, впрочем затоа произлегле и научните истражувања на оваа тема и законската регулатива во нашава држава во делот на утврдување на потекло на имот и проширената конфискација.
Среќен пат Градоначалник.
Твојот: ПАСКАЛ

Пишува : адвокат Жаре Стеваноски