КОНФЕКЦИОНЕРКИ

0
1246

Нема ништо помеко од постелата на Христина, во 4.45 часот наутро, кога алармот и ѕвони за на работа.

Тогаш, светлото на мобилниот, ги шири најгрдите сенки од нејзиното грло, до ѕидовите што офкаат низ собата.

Но таа мора да стане од креветот, да се облече набрзина и да трча, за да го фати автобусот во 5.10.

По улицата е се уште мрак. Низ него чекори само нејзиниот страв, осветлен од чудни, летечки очи на непознат број кучиња скитници.

Пред влезот во автобусот се разденува. И од секоја страна приоѓаат како духови, млади работнички, без насмевка на лицата.

Нешто асоцира на Ленка, на Кочо Рацин, дури и седиштата во автобусот како да крцкаат со стихот:„Да тргнеме и ние, страдалници од век!“

Но очигледно недостасува она:„Наутро радост понеси…“

Со часови згрчена над иглата од машината, Христина не може да понесе ништо во себе, освен 32 остри игли во секој пршлен од р`бетот.

И не се надева на ништо, освен на тие 20 минути пауза, за да се подисправи. За да се раскрцка до пукање во ушите, како младо гранче што цел ден го држеле свиткано.

Од торбата вади сендвич со маргарин, па брои ситни пари за кафе.

Околу кафематот се меша мирисот на кафето, со звукот на офкањата, со црната боја на збрчкани жалби и клетви и по некое блуткаво озборување.

Воздивнува и Христина, пред сликата што ја штипе низ мозокот: Мајка и конфекционерка под стечај, и двете братчиња под инсулинска терапија, во собчето без струја…

И шивачката машина повторно полудува, подмачкана од две густи солзи на Христина.

Задишена и испотена, таа брка норма. Некоја недофатна норма, како некои грчки острови на кои газдата моментално е на одмор.

Со семејството, со ќерката на возраст колку Христина и со жена му што се води на платен список во конфекцијата. И Христина работи и за неа.

А од минута до минута, нормата стежнува како ранец со камења што некој и ги додава по проклета, сува нагорница.

„Не можете да извадите норма, а знаете да прашувате за плата, неспособни крави едни.“- се дере шефицата.

Христина ја слуша и молчи. Во неа плаче грпката на мајка и. Ја боде како игла со која таа 28 година заработуваше во Тетекс насмеана…

Во душата ја бодат иглите забодени секојдневно во вените на двете братчиња.

И таа нејзина `рѓосана и искривена желба, да заработи нешто за да се запише на факултет.

А каде може да се запише со плата од 9000 денари месечно, освен во продавница за храна.
Тие пари нејзиниот газда ги троши за еден ден, во кафеана, за чалам, како да е обична шега.

Додека облеката на неа се распаѓа, Христина поминува покрај скапо облечената шефица и влегува во вецето за да плаче.

„Нема да го дефектцираме вецето само за тебе. Ќе ти намалам од платата да знаеш, ороспијо една!“- се дере шефицата која не може да го погоди зборот дезинфекција.

Христина радо би ја отерала во мајчина, би и ја искубала косата, но ќе ја избркаат од работа. И после каде? Пак во некоја конфекција кај некој друг газда, со истите манири. За иста плата или помала. За исто понижување или далеку поголемо. Веќе два пати видена приказна…

Да е така лесно за работа, сите овие илјадници жени би барале нешто друго. Но лесно е само на Сител…

Овде, во вецето, покрај вц школката, тешко е да му се молиш на Бога да ти помогне да го запознаеш на фејсбук својот принц од Германија, од Шведска, од Данска…

И да се омажиш било каде, за било кого, макар и за старец, замислувајќи го како принц. Само да се побегне што подалеку од овде. Со се мајката и двете братчиња…

Од Македонија побегнале дури и илјадници од оние кои ја убедувале Христина дека овде се живее убаво, и затоа мора да гласа…

Ги спремиле Бугарските пасоши за да побегнат дури и оние кои и сега никако не признаваат дека во Македонија неколку илјади работнички се робови на грст газди.

Секоја сабота, понекогаш и во недела, прекувремено, на празници. Жени што прекувремено товараат шлепери, растовараат како амали. Згазени од тони и тони мобинг, скршени од закони, со скршени кичми и душа…

А деновите се нижат, се претвораат во години, во болки во вратот што старее. Се нижат и стравовите на Христина дека ќе огруби за некоја година зад машината, ќе свисне и нема никому да му биде убава…

И ќе остане сама во Македонија.

Сама со двете братчиња на инсулин, откако мајка и ќе умре за некој месец, од рак на коските.

Преземено од фејсбук зидот на Зоран Касап Стојановски