КОМЕДИЈА: КАТИЦА ЈАНЕВА МУ ПОДНЕЛА ТУЖБА НА БОКИ 13 ЗАШТО НЕОВЛАСТЕНО ЈА СНИМАЛ ВО НЕЈЗИНИОТ ДОМ СО ПАРИ НА МАСАТА

0
881

Јанева го тужи Боки 13 оти тајно ја има снимено со мобилен телефон во нејзиниот дом во Скопје без таа да забележи, а парите кои беа на масичката пред неа обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска ги стави во обвинението, според кое, на масата имало 50 илјади евра; – Од денешното рочиште за „Рекет“. (Фото: СДК.МК)

Второобвинетата во „Рекет“ Катица Јанева, на 12 март до Основниот суд Скопје 1 поднела приватна кривична тужба против првообвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13. Јовановски ја има снимено со мобилен телефон во нејзиниот дом во Скопје без таа да забележи дека тајно ја снимал, а парите кои беа на масичката пред неа, обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска ги стави во обвинението. Според обвинението, на масата имало 50 илјади евра.

Тужбата со предлог за казнен налог и докази како е издадена патната исправа на Јордан Камчев, како и други докази, денеска Јанева ги предложи како дополнителни.

На седми мај, Јовановски и Јанева за првпат ќе бидат сослушани пред судот.

Судот на Јанева ѝ одби пет јутјуб снимки, како и документите од предистраги исто така, и кажа дека откривањето би направило поголема штета отколку што би имале доказна вредност.

„Мобилниот телефон на Јовановски воопшто не е вештачен. Вешто лице од МВР извадил само 3 слики со Јанева, се сомневаме дека тоа е по налог на Русковска“, се побуни адвокатот на Јовановски, Сашо Дуковски.

Одбраната на Јовановски побара да сведочи и ексдиректорот на УБК Горан Николовски, за кого сопругата на Орце Камчев, Ана Камчева, кажа дека за рекетирањето од Јовановски, првин му кажала на тогашниот директор на УБК, кој само ја прашал зошто не пријави во Обвинителство, а таа му рекла дека немала доверба во институциите.

„Ако не сведочи ексдиректорот на УБК спомнат од сведокот Камчева, тогаш кој?“, праша адвокатот Сашо Дуковски, но судијката Васка Николовска-Масевска го одби предлогот.

Одбиен е и предлогот да сведочи експремиерот Зоран Заев.

Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Зоран Милески-Кичеецот, исто така, беше обвинет за Примање награда за противзаконито влијание, но тој го призна делото и беше осуден на три години затвор во издвоена постапка. Тројцата ги пријави Орце Камчев дека го рекетирале за да му ја олеснат положбата во истрагата „Империја“, каде што е првоосомничен.