Колку чини барокот?

0
1851

Улици под вода, поплавени домови, автомобилите заглавени во кал, небаре се подморници, граѓаните во екот на својата несреќа молат за помош. Нема вода, нема доволно храна, нема живеалишта… нема нечиј татко, вујко, нечија мајка, баба или пак ќеркичка. Згаснаа дваесет и два животи, а се уништија животите на исто толкав број на семејства, се уништи животот на цела Македонија…

И ова случајно да не е дел од проектот „Скопје 2014“? Ова ли се вашите мерки за подобро утре на граѓаните? Насекаде лажни фасади, Скопје „пука “ од стиропор и бронза, кај и да појдеш ќе ги здогледаш своите пари претворени во некакви си споменици, во барокни зданија, во криминал. А каде се вистинските вредности? Каде се инвестициите од круцијална важност што ќе го олеснат животот? Впрочем јасно е. Наместо канализација, еве еден лав, наместо водовод, еве жални врби, а наместо пари за санирање на штетите во Стајковци, Синѓелиќ и други места, ќе се постави едно панорамнско тркало.

Многу убаво, едноставно го оставате човек без зборови…

А цинизмот, цинизмот ја достигна својата кулминација. Медиумите ја покажуваат „солидарната страна“ на некој кој порано се вратил од одмор за да им помогне на луѓето, а тој пак собира поени за следните избори. Не оди тоа така. Жалам, но целата драма ви е уништена.

Додека некој оди на терен, се бори рамо до рамо со останатите граѓани, нема панцир, ниту пак телохранители околу себе, го дава последниот атом од себе за да спаси нешто, некој се смешка пред камери, обезбедува „помош“, глуми грижливост, а на националните телевизии „грми“ музика…

Провидни сте! Во секоја постапка ја гледаме вашата вистинска намера. Не, вие не сакате реално да помогнете, вие само сакате да покажете „кој е главен сѐ уште“, сакате да покажете дека не сте тргнати од сцената. Но, не за долго, верувајте.

Болно е кога ќе се вратиме наназад година дена и ќе се сетиме дека имаше сендвичи и сладолед „од оние убавите“ за секое лице дојдено на контракампот, а сега нема ништо за оние на кои навистина им е потребно, нема ниту за малиот Иван и баба му. Мало дете препуштено на милост и немилост на судбината, а надлежните молчат. Не се живее со 50 денари дневно во 21от век, не се живее со една кришка леб. Болно е кога ќе ги погледнеш граѓаните како сами се справуваат со својата несреќа, како се солидализираат меѓу себе, а од надлежните ни збор..само фотографии и изјави, пародија… Срцето ти се кине кога гледаш мало детенце како ги вади своите метални парички од касичката за да ги даде на оштетените. Засрамете се! Едно седумгодишно дете има повеќе совест од вас.

На социјалните мрежи кружат видеа и фотографии од трагедијата, душата ти плаче, кожата се наежува од самата помисла за тоа што се случи. И не, овие слики не се лепени, сечени, прелепувани и монтирани. Овие слики се сведоци на вашите не/дела.

Во зоолошката се прави кафез за мајмун „вреден“ 231. 434 евра, наместо да се направи болница, градинка, автопат… Се фрлија 650.000.000 евра за бронза, наместо да се развие економијата и да се подобри животниот стандард. Доволно видовме, доста е!

Има разлика нели? Има разлика помеѓу Скопје 2014 и Скопје 2016, така? Епа има, има голема разлика. Ама самите сме си виновни, сите сме одговорни. Тие што ги гласаат, ние што ги трпиме. Уште колку животи ќе треба да згаснат? Девојче се дави во Охрид, а брзата помош стигнува 40 минути подоцна. Што направивте од македонското здравство? До кое дереџе сме доведени? Секој ден се сечат ленти, колку да се напише нешто во реализиран проект, да се даде „отчет за сработеното“.

Го плаќаме данокот на барок и скапо не чини, чини пари, време, човечки животи. Во континуитет пропаѓаме, а одговорност од никого нема. Еднаш во животот бидете реални, еднаш признајте си ги грешките, еднаш сносете одговорност, ако имате барем малку човечност.

Веќе сѐ е јасно, гледаме во каква мизерија живееме, излишно е да се дискутира понатаму. Ова не беше само природна катастрофа, ова меѓу другото се случи и поради невниманието на одговорните.

На крај можам само да изразам сочувство до настраданите и да ги повикам сите граѓани да помогнат кој колку може, бидејќи сите гледаме колку помагаат надлежните.

Солидарност пред се !!

Андријана Спиревска