Колев : ВМРО-ДПМНЕ се однесува како возач кој неконтролирано ги вклучува трепкачите и претставува опасност и за себе и за другите учесници во сообраќајот

0
662

Со внимание ги следев прилозите од средбата на „лидерите“ кај претседателот Пендаровски. Морам да признаам дека на добар дел од нив, маските им доаѓаат некако природно, својствено, без оглед на сета трагедија во која се ноѓаме и ние и светот. Можеби треба да ги задржат како постојан моден додаток. Очекував, како веројатно и повеќето од нас, некаков понизен обид од „лидерите“ да се обидат да придонесат колку што можат да се надмине политичко-правната криза во која сме зачекорени. Како другите да ни се малку, но не попусто се вели – неволјата не доаѓа сама.

Претседателот на СДСМ, како еден од „авторите“ на пржинските Влади, упорно и френетично повторува – избори, Устав, закон, иако е веројатно последниот во земјава кој треба да се повикува на нив. ВМРО-ДПМНЕ пак, таква каква што е, се однесува како возач кој неконтролирано ги вклучува трепкачите и претставува опасност и за себе и за другите учесници во сообраќајот. Иако и „двете страни“ се за доследно почитување на законите, биле подготвени на дијалог и консензус?! Како беше? Звучи шашаво, но функционира. Во ниту еден момент не покажаа волја да формираат Влада на Национален спас врз основа на мандатите, кои ги имаат добиено (тоа е, се согласувам однапред со забелешките) на начин на кој на пример го „устоличија“ Талат Џафери за претседател на Собранието. Кој пак сега е како Џон без земја (знаете братот на кралот Ричард, многу попознат од филмовите за Робин Худ) нема Парламент, но има претседател на истиот. Заменик врховен командант, член на Советот за национална безбедност…(навистина звучи средновековно и аристократски).

Си велам, да не се загрижени за состојбата со Фондот за здравствено осигурување, можеби поради семејните недоразбирања на советникот за национална безбедност при Владата или пак се вознемирени од некоја нова средба на Кичеецот кому повеќе би му прилегал прекарот јо-јо, со оглед со кава динамика се движи меѓу „политичките кругови“ во земјава.

Сепак, има некои работи во Македонија, кои само Јавното обвинителство не ги знае, односно ги знае. Навистина ми е жал што „политичките фактори“ упорно инвестираат на штета на државата, во еден нереспектибилен изборен процес, со Државна изборна комисија во која „професионално и пропорционално“ ќе се гласа и надгласува, со отворени прашања кои служат како алиби де на едните, де на другите. Потоа, таквата состојба само се прелева од една институција во друга, а проблемите се таложат во недоглед.

Верувам дека медицинскиот персонал и понатаму ќе биде пожртвуван и посветен како и досега и дека сите одлуки и препораки ќе се базираат исклучиво од потребите на јавното здравје. Можеби овие неколку денови пред нас ќе не изненадат со доблесност од страна на некои од гостите на претседателот на Републиката, особено што сакам да им обрнам внимание дека овојпат и светот е во неволја и не можат да очекуваат интензитет на „олеснувачи“ како што комотно се навикнаа со години. А да се обидете сами да се потрудите, конечно?!