Тој додаде дека завршен е билатералниот скрининг за Кластерот 1, „Фундаментални вредности“, а започна билатералниот скрининг за Кластер 2, „Внатрешен пазар“со скрининг состанок за Поглавјето 3, „Право на основање и слобода на давање услуги“, кој во понеделникот се одржа во Брисел.
„Досега коментарите од страна на Европската комисија се одлични. Нашите делегации имаат квалитетни презентации во сите поглавја. За нас како држава од клучна важност се областите кои се дел од Поглавјето 3. На сето ова претходеа интензивните подготовки во изминативе 3 месеци. Ние сме силно посветени на усогласување на правото и регулативите на Европската Унија со цел полноправно членство. Но поважно, подготовка и зголемување на конкурентноста со цел што побрза транзиција кон единствениот пазар на ЕУ за што овој кластер е посебно важен бидејќи во него го содржи усогласувањето со четирите основни слободи – стоки, услуги, луѓе и капитал, што е основата на Договорот на воспоставување на Европската Унија.
Што е најважно, ние ги следиме укажувањата и препораките од извештајот на Европската комисија и генерално за поглавјата во овој кластер имаме умерена подготвеност. Во наредните 3-4 месеци, очекуваме да го добиеме скрининг извештајот за Кластер 1, тоа ќе ни помогне во подготовката на Патоказите за владеење на правото, за реформа на јавната администрација и функционирањето на демократските институции“, рече Ковачевски и додаде дека оваа година е година која на европски план треба да ни донесе целосно комплетирање на скрининг процесот и реформски напредок.
Премиерот подвлече дека Владата е одлучна да ги спроведе сите неопходни реформи со цел да станеме кредибилен член на европското семејство.